Компанијата „Дизни“ соопшти дека ја одложува за една година промоцијата на филмот „Аватар 2“ на Џејмс Камерон, кој премиерно ќе биде прикажан на 17 декември 2021 година. Но најавени се три нови филма од серијалот „Војна на ѕвездите“, кои ќе стигнат во киносалите до декември 2022 г., по еден на секои две години.

– Со филмот „Подемот на Скајвокер“, деветтото продолжение на познатиот серијал „Војна на ѕвездите“, кој ќе се прикажува од декември годинава, завршува оригиналната серија, која започна во 1977 година, но три нови филма на истата тема, кои сѐ уште немаат наслови, ќе излегуваат викендот пред Божиќ, на секои две години од 2022 г. – соопшти компанијата „Дизни“, која во 2012 г. го купи и „Лукас филм“.

Продолженијата на „Аватар 2“ исто така се поместени за 2023, 2025 и 2027 година. Инаку, овој филм и денес го држи рекордот за приходи од продадени влезници (2,79 милијарди долари), но филмот „Одмаздници – крај на играта“ се заканува да ја надмине оваа сума. Сите овие најави се показател дека „Дизни“ ќе владее со киносалите и во наредните девет сезони, или со филмот „Аватар“ или со „Војна на ѕвездите“, со исклучок на 2020 година. Но не мора да биде така, бидејќи компанијата за декември 2020 година го планира излегувањето на филмот „Приказна до западната страна“ на Стивен Спилберг.