Компанијата „Дизни“ исфрли кратка сцена во која се бакнуваат две жени во сингапурската верзија на својот најнов филм „Војна на ѕвездите“.
Новиот филм „Подемот на Скајвокер“ го содржи првиот истополов бакнеж во историјата на серијалот, а рецензентите го опишаа како „краток блесок на две жени што се бакнуваат меѓу многу ликови“.

Но верзијата наменета за Сингапур ја изостави сцената.
Сингапурското регулаторното тело за медиуми за Би-би-си изјави дека „Дизни“ ја скратил сцената за да спречи повисока возрасна препорака, т.е. возраст на гледачите соодветна за гледање на овој филм.
– Апликантот испуштил кратка сцена за која според упатствата за класификација на филмови би требало да има повисока оцена или препорака за возраст на гледачите – рече портпаролот на ИМДА.

Без бакнежот, филмот е рангиран ПГ-13 во Сингапур (несоодветен за деца под 13 години). Сè уште не се знае дали „Дизни“ – сопственици на „Лукасфилм“, продуцентската куќа на „Војна на ѕвездите“ – ја скратиле сцената и во други земји. Таа, наводно, била прикажана во Кина, но не и во Обединетите Арапски Емирати.
Вработените во компанијата „Дизни“ не одговорија на барањето на Би-би-си за коментар.