„Дизни“ одлучи да го промени календарот за објавување на филмовите на „Марвел“, но и петтото продолжение на „Индијана Џонс“, чии премиери се закажани за 2022 година.
Љубителите на филмовите на „Марвел“ ќе треба да почекаат малку подолго од првично планираното за продолженијата на филмовите „Доктор Стрејнџ“, „Тор“ и „Црниот Пантер“ да пристигнат во кината. „Дизни“ ги одложи плановите за објавување на неколку претстојни филмови, меѓу кои „Доктор Стрејнџ во мултиверзумот на лудилото“, кој беше закажан од 25 март за 6 мај, „Тор: Љубов и гром“ од 6 мај за 8 јули и „Црниот Пантер: Ваканда засекогаш“ од 8 јули за 11 ноември.
Филмот „Д Марвелс“ е одложен за почетокот на 2023 година, а „Ентмен и Осата: Квантуманија“ го промени датумот на објавување од 17 февруари до 28 јули 2023 година.
Покрај одложувањето на продолженијата на „Марвел“, „Дизни“ го помести и петтиот дел од „Индијана Џонс“ за речиси една година. Филмот, кој сѐ уште нема наслов и во кој Харисон Форд игра археолог, премиерно ќе биде прикажан на 30 јуни 2023 година, наместо на 29 јули 2022 година.
Со оглед на тоа колку пати филмот доцнеше претходно, „Дизни“ не го смени датумот на објавување на „Аватар 2“ и сѐ уште е закажан за 16 декември 2022 година.
Останува да видиме какво влијание ќе има оваа промена врз „Дизни +“. До крајот на 2021 година, „Дизни“ се обврза на ексклузивно прикажување во кината за своите филмови пред да станат достапни за онлајн пренос, но не откри како ќе функционираат работите во 2022 година и понатаму.