Најголемиот моден настан во градот, под слоганот „Фешн вик Скопје гоус вирал“, ја почнува третата декада oд постоењето во едно сосема поинакво руво, следејќи ги во чекор актуелните тенденции од метрополите низ светот.
– Дваесет и првата сезона на „Моден викенд – Скопје“ е конципирана како мултимедијален проект во дигитално издание, па наместо од редовите во публика, широката јавност сега има шанса виртуелно да го проследи и од своите домови. Организацискиот тим на манифестацијата за секој учесник направи промотивни видеа и едиторијални фотографии, давајќи им максимална поддршка на домашните дизајнери во моментот- информираа од „Моден викенд Скопје“.

Модните сладокусци и љубителите на уникатни парчиња во деновите што претстојат ќе можат да ги погледнат видеата на социјалните мрежи Инстаграм и Фејсбук или, пак, на официјалниот јутјуб-канал на „Моден викенд“.
Прва под синото и сончево небо над Скопје блесна колекцијата „Вајт стоун“, сo потпис на Евгенија Зафировска. Изработенa е од природни материјали, а дополнетa со тантела и со елементи од рециклиран материјал. Во креациите е постигнат совршен баланс помеѓу архитектурата и природата. Инспирација за нивната грациозност и одржливост претставува белиот брачки камен од кој е изградена Диоклецијановата палата.
„Вајбрант мјуз“ е називот на колекцијата на младата и талентирана Блерта Османи, инспирирана од мексиканската култура, уметноста и воодушевувачките автопортрети на Фрида Кало. Новата колекција на накит и облека од брендот „Терзија“ го опишува екот на минимализмот во вечерните изгледи кон крајот на 1970-тите години во Њујорк. Оваа колекција накит негува посебна естетика на безвременска елеганција, истовремено носејќи ги благодатите на природните камења.

Речиси по половина деценија отсуство од нашата сцена, дизајнерката Стефанија Насеска приреди сензационално враќање на „Моден викенд – Скопје“. Нејзината повратничка колекција, со наслов „Кенди лав“, e визуелна ода за љубовта, во пастелни нијанси. Модното ателје КТН, на сестринското трио Ангелина, Ива и Сандра Китановски, пак, дебитира на настанот со „ФемЕпире“. Следејќи ја француската нота на кројот, колекцијата гласно говори за добро познатата состојба на духот, каде што со едноставен спој на црното и белото се слави женската силуета и женскиот потенцијал.

Извршна продуцентка на дваесет и првото дигитално издание на „Моден викенд Скопје“ е Света Богова Јовановска. Видеата се дело на Кристијан Шемко и Марина Трајковска, додека автор на музиката е Глуми. Екипата што придонесе за успешна реализација на проектот ја сочинуваат: Милан Атанасов, Мајкл Шемкоски, Дамјан Корубин, Виктор Цветановски и Александар Петрушев.