Последниве неколку дена, жителите на Рим мака мачат со дивите свињи што го окупираа главниот град на Италија. Дивите свињи во потрага по храна се движат низ градските улици и блиските паркови, а храната ја наоѓаат во преполните контејнери, пренесе „Асошиејт прес“. Според процените на одговорните, повеќе од два милиони диви свињи живеат во Италија, а се проценува дека има помеѓу пет-шест илјади диви свињи во регионот Лацио, кој го опкружува Рим.
Пред две години беше започната програма за фаќање на овие животни, а од минатиот месец е дозволен селективен лов, што претходно беше строго забрането.
– Се плашам да одам по улица, бидејќи има контејнери во близината на тротоарот, а потоа се случува да скокнат пред вас – рече 79-годишната жителка на Рим, чекајќи ги своите внуци пред основното училиште.
Причината за загриженост не е неоправдана, бидејќи дивите свињи се високи 80 сантиметри, долги 1,5 метар, можат да тежат и до 100 килограми, а не се безопасни, особено за деца и млади луѓе.