Интеракцијата меѓу светлината и биолошкиот материјал е посебна наука, наречена биофотоника, која денес е прифатена во научните и во академските кругови. Следбениците на биофотонската теорија веруваат дека храната богата со биофотони има имунолошки и лековити својства. Биофотоните се откриени од рускиот научник Александар Гурвич, во 1923 година. Тој прв ја изнел теоријата дека живите суштества емитуваат фотони во ултравиолетовиот дел од спектарот. Но првиот вистински напредок на оваа теорија се случил во 1970-тите години, со работата на германскиот научник Фриц-Алберт Поп, кој заклучил дека ДНК е главен извор на овие бранови што ги зрачи живата материја и ги нарекол биофотони. Врз основа на истражувања и одредени мерења, Поп покажал дека здравите луѓе зрачат многу посилни светлосни бранови од болните.

Оценувајќи ги биофотоните во различни артикли, Поп открил дека органски одгледуваната храна пренесува петпати повеќе биофотонска енергија отколку индустриски преработената храна. Исто така, органската храна што расте слободно (диво) емитува двапати повеќе, во однос на храната од култивираните органски оранжерии. Утврдено е и дека варената, печената и третирана на кој било начин храна исто така не зрачи биофотони.

Според истражувањата, дивата (самоникната) растителна храна е најбогата со биофотони. Така на пример, нутриционистите укажуваат дека лисјата од глуварче, копривата, печурките, оревите, капините и друго се храна со висок степен биофотони. Со внесување ваква храна во организмот, болниот многу брзо закрепнува. Биофотонските мерења покажуваат исклучително големи разлики, во зависност од начинот на исхрана. На пример, луѓето што јадат брза храна или често спроведуваат драстични диети имаат околу 1.000 единици биофотонско зрачење. Овој број кај луѓето што јадат сурова храна изнесува околу 83.000 единици!