„Кент енд Курвен“, модната марка која е во косопственост на Дејвид Бекам, најави нова колекција во соработка со хит-серијата „Пики Блајндерс“, пренесува „Индепендент“.

Колекцијата која наликува како да е извадена од временска капсула, дебитираше на шоуто Лондонската машка модна недела. Дизајнирана од Даниел Кернс, колекцијата сочинува сè од кошули и елечиња па до волнени мантили, панталони и секако, качкети.

Кернс бил инспириран од карактерите во тв-драмата „Пики Блајндерс“, во која е претставен животот на гангстерите од Бирмингем во 1920-те години.

Заедно со неговото семејство, Бекам, присуствуваше на шоуто облечен во капут, елече и џемпер, така што изгледаше како да е статист од самата тв-драма.

На шоуто присуствуваше и креаторот на серијата, Стивен Најт, кој откри дека сценариото го базирал на приказни кои ги слушал од неговите родители додека растел.

– Луѓето биле вистински гангстери, но тие исто така биле многу модерни, а тоа ја прави соработката со „Кент енд Курвен“ совршена. Ние сме дуо создадено во рајот – вели Стивен Најт.

Зборјувајќи за соработката, Бекам открива дека целото негово семејство се големи обожаватели на „Пики Блајндерс“ и дека неговата љубов за качкетите потекнува од неговиот дедо.

– Го носам неговиот качкет од многу рана возраст – изјавил Бекам за „Гардијан“.

„Кент енд Курвен“ е формиран во 1926 година од страна на Ерик Кент и Дороти Курвен, кои биле кројачи од централен Лондон. Во центарот на модните случувања и во очите на јавноста „Кент енд Курвен“ се вратија во 2015 година кога стапија во партнерство со Дејвид Бекам.