Од Инстаграм, Брегзит, „Одмазници“, Ед Ширан, па сѐ до најгледаната серија „Игра на тронови“, сите овие моменти ја обележаа минатата деценија, од која сега појасно може да се види дека живееме во ера без преседан во нејзините противречности. Социјалните медиуми нѐ зближија уште повеќе и покрај тоа што го доведоа светот во состојба на вечна борба против нас.
Поп-музиката ја надмина рок-музиката. Телевизијата, пак, никогаш не била пософистицирана. За најголемото шоу на деценијата може да се каже дека беше „Игра на тронови“ или „Оргијата на змејовите“, исполнето со многу насилство и голотија. Повеќе не постојат никакви тајни. И згора на сѐ, холивудскиот продуцент Харви Вајнштајн беше демаскиран како сексуален предатор, кој со години наназад успешно се криеше од очите на јавноста. Сѐ ова е збунувачки, без сомнение, а историчарите во наредните години ќе имаат голема работа за да ја најдат смислата во сето тоа. Подолу се издвоени некои од најзначајните моменти од 2010-тите години.

Формирањето на Ван Дајрекшн (2010)
Од многуте придонеси на Сајмон Кауел во светот на музиката, градејќи ги кариерите на дуото Џедвард, Сузан Бојл и Пирс Морган во Америка – сигурно најтраен белег ќе остави тинејџерската група составена од Хари, Ниал, Луис, Зеин и Лиам. За време на музичкото шоу „Икс фактор“ во 2010 година, Кауел одлучи да формира поп-бенд од пет слаби разгалени тинејџери. Она што следуваше беше верзијата на „Битлси“ од 21 век, но со подобра коса, потесни панталони, а со ниту една мелодија што ќе биде запаметена.

Ед Ширан ја објави „The A-Team“ (2011)
Години наназад поминаа со Џејмс Блант и многу други слични на него, со сега веќе подзаборавени тажни балади кои традицијата на сингл текстописците ја доведоа до темно и застрашувачко место. Но тогаш се појави непрофесионалниот Ширан, кој успеа од сосема непознато лице да стане најтрофејниот уметник на музичкиот сервис „Спотифај“.

Излегувањето на „Одмаздници“ (2012)
Марвел успеа да ги собере сите суперхерои заедно на екранот, како Капетан Америка, Железниот човек, Црната вдовица, Хулк и Локи, кои се предодредени да станат иконични за оваа генерација, како што во минатото беа Лука, принцезата Леја, ЕТ и Истерувачи на духови. Тоа беше формула што не можеше да пропадне – и сепак „Одмаздниците“ успеаја да ги надминат најжестоките очекувања на Марвел.

„Дизни“ ја купи франшизата за „Војна на ѕвездите“ (2012)
Брендот „Војна на ѕвездите“ е еден од најуспешните во холивудската историја. „Дизни“ за 2,2 милијарди долари го купи „Лукасфилм“, студиото кое го создаде филмскиот бренд „Војна на ѕвездите.“ „Дизни“ претходно го купи и „Марвел ентертејнмент“ за 4 милијарди долари во 2009 г.

Црвената свадба во „Игра на тронови“ (2013)
„Игра на тронови“ стана најпопуларна серија во светот, која секако ја обележа деценијата и ќе биде запаметена по бруталните сцени исполнети со многу крв, инцест, насилство, предавство и убиства. Со сцената на Црвената свадба во претпоследната епизода од третата сезона, која се викаше „Дождови на Кастамере“ – адаптерите на „Игра на тронови“, Дејвид Бениоф и Д.Б. Вајс, ги надминаа сите очекувања. Кој може да ја заборави Црвената свадба?

Излезе анимираниот филм „Снежно кралство“ (2013)
„Let It Go“, песната според која анимираниот филм „Снежно кралство“ постигна глобален успех, беше прифатена како нешто револуционерно од малцинствата насекаде низ светот. Елса не само што ја покажа својата моќ, туку и моќта на женската публика, што овој цртан го направи еден од најпопуларните во историјата.

„Хамилтон“ дебитираше на Бродвеј (2015)
Мјузиклот „Хамилтон“, кој е хип-хоп верзија на историјата на САД, дебитираше на сцената на Бродвеј, и од премиерата во 2015 година, па навака доби голем број награди, како „греми“, „тони“ и „пулицер“. Во мјузиклот се обработува животот на Александар Хамилтон, еден од основачите-татковци на САД, кој беше убиен во 1804 година во двобој со третиот по ред потпретседател на САД, Арон Бер.

Смртта на Дејвид Боуви (2016)
Легендарниот британски пејач Дејвид Боуви почина на возраст од 69 години, по битката со ракот. Боуви, познат по хитовите „Space Oddity“, „Heroes“, „Under Pressure“ и многу други беше еден од најуспешните уметници на 20 век. Тој почина по само три дена откако го објави својот последен албум „Блекстар“.

Случајот Харви Вајнштајн (2017)
Движењето „И јас исто така“ доведе до незамислива промена, барем во филмската индустрија. Сѐ започна со статијата објавена во „Њујорк тајмс“, во која холивудскиот продуцент Харви Вајнштајн беше опишан како брутален предатор, обвинет за сексуални вознемирувања на многу познати актерки. Светот на филмот беше свртен наопаку, со уривање на угледот на многумина.

Били Ајлиш постигна една милијарда прегледи на „Спотифај“ без да издаде албум (2018)
Били Ајлиш успеа за многу кратко време да стекне огромна светска слава. Нејзиниот деби-сингл „Ocean Eyes“, во октомври 2018 година се најде на врвот на листата со рекордни една милијарда прегледи на „Спотифај“, уште пред Били да издаде албум.