Македонскиот клуб „Пежо 404“, во рамките на одбележувањето на Денот на „пежо“, денеска низ скопските улици вторпат организира дефиле на „олдтајмери“.

– Со желба и ние како клуб да се вклучиме во светската мрежа на настани насочени кон зачувување на светското културно и технолошко наследство, ги покануваме сопствениците на ова ретко и скапоцено возило, кое сведочи и за нивото на културата и статусот на нашата земја во минатото, да бидат дел од ова дефиле. За ентузијазмот и напорите за одржувањето на олдтајмерите во технички исправна состојба редовно добиваме признанија од дома и од странство – велат од клубот „Пежо 404“.

Дефилето почнува во 10 часот, во дворот на „Еуроимпекс“ кај Хемиското училиште, а потоа учесниците ќе се упатат кон амбасадата на Франција на краток прием. Во 13 часот дефилето тргнува кон кафулето „Манда“ каде што учесниците ќе им се обратат на претставниците на медиумите. Настанот предвидува учество на десетина возила од марката „пежо 404“ произведени меѓу 1968 и 1973 година.