Кога одиме во музеи, најчесто нѐ интересира што има во внатрешноста на овие објекти, додека обично едвај обрнуваме внимание на надворешноста на музејот.
Ова е голема грешка, бидејќи повеќето од најпознатите музеи низ светот се сметаат за архитектонски ремек-дела. Подолу ви претставуваме 10 музеи што се издвојуваат по својата необична убавина.

Државниот историски музеј во Москва – Овој музеј, кој изгледа како замок, е отворен во 1872 година и се наоѓа на северната страна на Црвениот плоштад во Москва. Препознатливата зграда е дизајнирана од Владимир Осипович Шервуд во неоруски стил.

Музејот за астрономија во Шангај – Од 18 јули оваа година, луѓето можат да го посетат Шангајскиот астрономски музеј во Кина, инаку најголемиот музеј од овој тип во светот. Зад неговиот дизајн стои архитектот Томас Вонг, кој сакаше музејот да потсетува на орбитите на небесните тела.
Музејот „Гугенхајм“ во Билбао – Иновативниот архитект Френк Гери го дизајнираше музејот „Гугенхајм“ во Билбао, Шпанија. Отворен во 1997 година, овој музеј содржи голема колекција на дела од современата уметност.

Музејот на уметноста „Тигре“ во Аргентина – Овој музеј во близината на Буенос Аирес е изграден во 1912 година. Меѓутоа, до 2006 година, сепак, оваа локација се користеше за собири на богатите и славни граѓани на Аргентина. Елегантната зграда на музејот е дизајнирана во француско-италијански архитектонски стил од Пабло Патер и од Луис Дубуа.
Музејот „Ераван“ во Бангкок – Музејот „Ераван“ во Тајланд е препознатлив по огромната скулптура на триглав бронзен слон, тешка 250 тони. Идејниот творец на оваа зграда е Лек Виријапант.
Музејот за исламска уметност во Катар – Дизајнерот на познатата пирамида во „Лувр“, Јо Минг Пеи, е познат во светот по неговиот дизајн на Музејот за исламска уметност во Катар. Колекцијата на овој музеј, отворена во 2008 година, вклучува артефакти стари до 1.400 години.
Музејот „Салвадор Дали“ во Флорида – Познатиот шпански надреалист го доби својот музеј во Флорида во 1982 година. Во 2011 година, неговата колекција беше преместена во нова зграда со футуристички изглед, дизајнирана од Јан Вејмут.
Музејот на уметноста во Милвоки – Овој музеј може да се пофали со колекција од 30.000 предмети. Најинтригантното нешто во врска со него е „Квадратниот павилјон“, изграден во 2001 година, по дизајн од Сантијаго Калатрава. Овој објект има еден вид крилја, кои заземаат различни позиции во текот на денот во зависност од положбата на Сонцето.

Националниот музеј на Катар – Инспириран од изгледот на пустинската роза, архитектот Жан Новел дизајнира музеј во Катар посветен на историјата на оваа земја. Музејот ги отвори вратите за посетителите во 2019 година.
Музејот „Гугенхајм“ во Њујорк – Последниот архитектонски проект на Френк Лојд Рајт е исто така еден од неговите најпопуларни. Музејот „Гугенхајм“, кој го дизајнира, е една од најпознатите туристички атракции во Њујорк, особено интересна за љубителите на модерната уметност.