На Фејсбук минатата недела се појави нов предизвик кој брзо стана популарен ширум светот, во кој корисниците треба да објават една фотографија стара 10 години и една нова со натпис „Десетгодишен предизвик“. Повеќе од 5,2 милиони корисници на социјалната мрежа, меѓу кои и многу познати личности, учествуваа во предизвикот.

Брзо по неговото појавување, предизвикот натера некои од корисниците на социјалните мрежи да се запрашаат дали ова е обид на „Фејсбук“ да ги измами  корисниците да учествуваат, со цел нивните фотографии да бидат искористени во собирањето податоци со технологија за препознавање на лицето.

Доколку сакате да направите алгоритам кој ќе ги препознава карактеристиките на лицето во текот на годините и да предвидува како луѓето би изгледале откако ќе остарат, за таа цел би била потребна широка база на податоци со многу фотографии од лицата на корисниците. Притоа, од голема корист би било да се знае временскиот период кога тие фотографии се направени, на пример, во овој случај станува збор за 10 години. Овој предизвик нуди шанса „Фејсбук“ да добие „чиста“ слика за корисниците.

Според Ејми Веб, професорка на Универзитетот Њујорк, овој предизвик е совршена прилика за спроведување на истражување за тоа како машините и вештачката интелигенција можат да влијаат врз животот на луѓето.

Од компанијата „Фејсбук“ велат дека не биле вклучени во покренувањето на предизвикот и дека немале никаква придобивка од големиот замав на неговата популарност. Сепак, со споделувањето на стотици слики од корисниците, алгоритамот за препознавање на лице е во корист од ваквиот предизвик.

– Можете да ја исклучите алатката за препознавање на лицето, можете да го оставите својот смартфон дома, можете да направите се, но не можете да го избришете своето лице од Интернет – вели експертот за вештачка интелигенција Алваро Бедоја.

Од „Фејсбук“ тврдат дека не планираат да ги споделуваат податоците на нивните корисници надвор од нивната платформа, но не постои закон што ги спречува да го сторат тоа и можат да го сменат својот став во кое било време. Ова не е изненадувачко, поради тоа што „Амазон“ и „Гугл“ биле фатени во споделувањето на нивните технологии. Ова може да биде доста загрижувачко за приватноста на граѓаните. 

Полицијата може да ја искористи ваквата технологија, не само за да ги следи луѓето за кои постои сомнеж дека сториле некое кривично дело, туку и да ги следи оние кои не сториле злодело, како на пример, демонстрантите.

Во секојдневието, технологијата за препознавање на лице има позитивни и негативни страни. Од една страна, со неа се препознаваат и фаќаат крадците кои ограбиле маркет, но истовремено се скенираат и лицата на купувачите и со тоа им се нарушува приватноста. Друга позитивна страна е наоѓањето на лицата кои се водат како исчезнати. Минатата година во Њу Делхи, Индија, полицијата успеала да најде повеќе од три илјади исчезнати деца со помош на оваа технологија за препознавање на лица.

Технологиите за препознавање на лицето се иновативни. Но, исто така, тие можат да бидат искористени од хакери и за шпионирање. Многумина корисници споделуваат информации на Интернет, без да се запрашаат каде тие се складираат и како се користат, па се почесто се поставува прашањето дали е подобро да се има сомнеж за употребата на ваквите технологии.