„Депеш Мод“ е музичка група од Велика Британија што ја создаде најдобрата електронска музика. Јунаците на ДМ-бренд приказната потекнуваат од гратчето Басилдон во областа Есекс. Првичниот состав го сочинуваа Дејв Гахан (водечки вокал), Мартин Гор (синтисајзер, гитара, вокал, главен текстописец по 1981 година) и Винс Кларк (синтисајзер, главен текстописец во периодот 1980-81 година). Винс Кларк ја напушти групата по издавањето на нивниот деби-албум во 1981 година, „Speak and Spell“, и беше заменет од страна на Алан Вајлдер (синтисајзер, тапани), а Гор го презеде пишувањето текстови. Вајлдер ја напушти групата во 1995 година и оттогаш Гахан, Гор и Флечер продолжија како трио.

Овие момчиња во доцните 1970-ти години биле воодушевени од музиката на Дејвид Боуви и групите „Крафтверк“, „Ултравокс“ и „Хјуман Лег“. Целосно биле посветени на новиот бран музика од тој период и за кратко време прераснале во врвни мајстори за електронска музика. Со еднаква успешност создавале и изведувале синтпоп, алтернативен денс, њу вејв, алтернативен рок, рок-поп и индустриал-музика. Сите членови на бендот биле еднакво заслужни за тоа. Мартин Гор успеал да ги преточи своите чувства во музика, така што станал еден од најголемите светски текстописци и композитори. Евидентна е поп-умешноста на Винс Кларк, во раните успеси на бендот, како што се нумерите „Just Can’t Get Enough“ и „Any Second Now“. „Just Can’t Get Enough“ е песна од дебитантскиот албум на „Депеш Мод“ („Speak and Spell“) и е прва нивна песна што има видеоспот и единствен спот во кој се појавува Винс Кларк.

Важи за весел и разигран синтпоп и стана првиот топ десет хит во Велика Британија и е една од нивните најпознати нумери. Нејзината допадливост доаѓа од дистинктивната природа на клавијатурната мелодија. Иновацијата во неа повеќе е на ниво на инструментализација, отколку на структурата. Иако текстуално е едноставна, нејзе клавијатурниот мотив ѝ е доволен за да биде прогласена за класик на жанрот (синтпоп). Исто така, повеќе од евидентна е ветувачката свежина и неоспорната креативност на Дејв Гахан во песните „Suffer Well“ и „Nothings Impossible“ на албумот „Playing The Angel“.

Сите работи во врска со оваа група растеа од година на година, така што групата доживуваше постојан напредок. „Депеш Мод“ не дозволи новиот музички звук на синтпопот да го потисне нивниот традиционален инструментариум. Напротив, со текот на времето бендот него го зголеми и успеа да развие темен звук заснован на новата технологија на семплување. Така, уметничкиот скок од првиот албум „Speak and Spell“ (1981) и албумот „Construction Time Celebration“ (1983) е видлив и огромен.

Подоцнежните албуми се еден вид уште поголемо затемнување на звукот на групата во нивниот константен напредок од синтпоп до електро-готик. Кога веќе во групата беше дојден Ален Вајдлер, а Мартин Гор го презема авторското бреме, нивниот звук станува многу повеќе тежок и мрачен, но и многу по прифатен и успешен. Албумот „Broken Frame“ беше болна транзиција, „Construction Time Again“ беше албум на софистицирана музика, а „Some Great Reward“ беше целосен триумф и созревање на ДМ во предводник на една нова музичка генерација. Групата со сите овие хитови доби аура на алтернативни музички експериментатори. Конечно, во 1990 година со музиката од албумот „Violator“, групата ги достигна највисоките нивоа на музичкиот Олимп, и повеќе никој не можеше да ги нарече алтернативци или аутсајдери. Можеби најзаслужни за тоа се нумерите „Personal Jesus“ (минималистичко ремек-дело, засновано на автобиографијата на Присила Присли, вдовицата на кралот на рокенролот – Елвис Присли), и „Enjoy The Silence“ (лична химна на молчаливиот Мартин Гор), кои се нивните златни тиражи и најуспешни нумери. Во видеото за „Personal Jesus“ членовите на ДМ како вистински каубојски отпадници, пристигнуваат во едно село во пустината Табернас, Шпанија, и влегуваат во бордел, полн со убави девојки. Мајсторството на Антон Корбин (мајстор за фотографија) со видеокамерата прави да уживаме во вистински реализам, кој е поинаков од надреалистичката поетика, од претходните видеа на групата. А звукот и гласот само ја разубавуваат сликата за каубојските десперадоси. Најкомерцијално нивно видео е видеото за „Enjoy The Silence“, кое е инспирирано од литерарното дело на Егзипери – „Малиот принц“.

Видеото е снимено на шкотските крајбрежни карпи, на плажите во Португалија и Алпите во Швајцарија. Во видеото провејува идејата за човек што сизифовски врши неразумно дејство, и е претставена преку еден стереотипен крал, кој бара место за одмор и тишина. Таа слика прерасна во најмеланхолична музичка слика за осумдесеттите години од минатиот век, со потпис на маестро Корбин. За сите овие албуми и песни можеме да кажеме дека имаат испробана духовност, која навестува светлост и бегство, не само од трагичните околности, туку и од сивилото на секојдневниот живот.

Ако сакаме ретроспективно да ги претставиме ДМ, можеме да кажеме дека од средината на 1980-тите групата во својата музика сѐ повеќе впиваше елементи на блуз, рок, глам, кантри, готик и госпел, па така и по 38 години тие работат музички нешта, кои никој друг во музиката, ниту се обидел ниту пак успеал да ги направи. Тие во тоа време имаат интелигентен пристап на технологијата и креативен однос кон неа – секогаш со поглед нанапред, но никогаш премногу футуристички. Поставија стандарди во тоа што го работат. Високи стандарди, недостижни за многу нивни конкуренти. На крајот на 1980-тите станаа бенд со најголемо влијание на другите изведувачи на електронска музика, особено синтпоп. Групата има продадено повеќе од 100 милиони албуми, има 48 песни и албуми број 1 на топ-листите во САД и во Велика Британија. Дефинитивно, ДМ се еден од најуспешните бендови што го преживеаја „новиот бран“, најголем и најдобар бенд за електронска музика, и се еден од најуспешните бендови во историјата на музиката.

(Извадок од книгата во печатење „Обожавани музички икони“, заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот и Александар Станковски, автор на портретите во комбинирана техника и колаж на музичките ѕвезди)