„Денови во ноќи“ е најновата песна на дуото ДНК, за која е снимен и спот. Песната ја потпишуваат Панчо и Лазар Цветковски, кои се автори на музиката, текстот и на аранжманот, додека за екранизацијата на приказната се погрижи Даниел Јовески. Во спотот, кој е снимен во затворот во Куманово, се појавува и Роберта Цветковска, која ја игра девојката, Стефан Хајредин го глуми момчето, Игор Петрески е дилер, Ристе Филипов – инспектор, а Елена Стојческа е инспекторка.
– Идејата со оваа песна, за која е снимен и впечатлив видеозапис, е да се испрати порака до младите дека треба да им се каже „не“ на сите пороци, но и дека не треба да потпаѓаме под влијанија, особено кога сме пред искушенија и тешки животни предизвици. Порака дека треба да веруваме во себе и да бидеме истрајни во своите желби и планови – велат Панчо и Андреј.
Тие додаваат дека максимално се потрудиле во реализацијата, впрочем како и во сите други проекти досега.
– Видеото го снимавме додека земјата беше во карантин и во сила беше полициски час, па токму поради тоа упатуваме посебна благодарност до Министерството за правда, КПУ „Затвор Куманово“ и до клиниката „Жан Митрев“ – додаваат тие.