Организаторите на 34-то издание на „Фолк-фест Валандово“, кое почнува денеска, најавија богата фестивалска програма и квалитетни песни. На ревијалната вечер, која ќе се одржи во салата „Јанко Узунов“, ќе бидат исполнети песни од нашите познати текстописци: Огнен Неделковски, Ѓорѓи Барбаровски, Томислав Которчевиќ и други, кои оставиле белег на фестивалот. Утре ќе се одржи финалната вечер, на која ќе слушнеме нови 20 фолк-рефрени, а во паузата за гласање свое шоу ќе има Сузана Спасовска.

Меѓу учесниците на фестивалот се и: Драган Мијалковски, Ѓоко Дончев, Нино Величковски, Благоја Грујовски, Јордан Митев, Горан Тодоровски, Далибор Ѓошиќ, Алексо Димов, Зуица Лазова, Стојне Николова, Елена Андоновска, групите „Академци“ и „Распеани валандовчани“ и други.

На валандовчанецот Леонид Манчев, еден од основачите на „Фолк-фест Валандово“ постхумно ќе му биде доделена награда за животно дело.

Исто така, ќе му биде доделено и признание на бардот на македонската народна песна, Никола Бадев, по повод сто години од неговото раѓање.

Годинашното 34-то издание на овој реномиран фестивал на народна музика ќе има и повеќе придружни настани, а водители ќе бидат Ѓорги Калајџиев и Ирена Спировска.