Денеска на социјалните мрежи ќе биде споделен видеолинк на кој бесплатно ќе може истата вечер онлајн да се проследи играниот филм „Прашина“ во режија на Милчо Манчевски. Линкот и деталите ќе бидат споделени на официјалните страници на режисерот на Фејсбук, Инстаграм и на Твитер.

„Прашина“ е второто филмско остварување на Манчевски од 2001 година во кое главните улоги ги играат: Џозеф Фајнс, Дејвид Венам, Адриан Лестер, Роузмари Марфи, Ен Броше, Николина Кујача, Владо Јовановски, Петар Мирчевски и Јосиф Јосифовски, а музиката ја потпишува Кирил Џајковски. Директор на фотографијата е оскаровецот Бери Екројд.

Приказната се распостила на два континента и низ три столетија, и во неа балканскиот див исток се судира со американскиот Див Запад, видено од призма на современиот Њујорк. Прашина, под мотото „Каде ли ти оди гласот кога веќе те нема“, е апотеоза на исконската потреба да се раскажува приказна и да се остави трага зад себе.

Во САД ја следиме братската борба за љубовта на една жена, а на Балканот борбата на еден револуционер против Отоманската Империја. Филмот е предмет на многубројни културолошки анализи, есеи и расправи и на научната конференција на Универзитетот во Лајпциг во 2002 година, со што дополнително ги потврдува својата уметничка, естетичка и културна вредност.