Видот на целосно слепо лице беше делумно вратен со употреба на протеини чувствителни на светлина што се наоѓаат во алгите. Пациентот бил третиран со терапија наречена оптогенетика, која користи протеини за контрола на клетките во очите. Тој сфатил дека третманот дава резултати кога било откриено дека гледа линии на пешачки премин. Сега тој може да земе предмети од масата, пишува „Нејчр медисин“.
Идентитетот на пациентот не беше откриен, но познато е дека тој живее во Франција и дека бил на лекување во Париз. Состојбата наречена ретинитис пигментоза му била дијагностицирана пред 40 години, а таа доведува до смрт на клетките чувствителни на светлина, кои се наоѓаат на површината на мрежницата. Повеќе од два милиони луѓе во светот го имаат истиот проблем и иако целосното слепило е ретка појава, пациентот е целосно слеп веќе две децении.

Оптогенетиката е понова област во медицината, а користи светлина за прецизно контролирање на активноста на мозочните клетки. Научниците ја искористија за да го вратат сетилото за вид на едното око на пациентот што сега може да регистрира светлина. Техниката се базира на канални родопсини, протеини што ги произведуваат алгите и кои го менуваат своето однесување како одговор на светлината. Првиот чекор во третманот бил генетската терапија. Генетските упатства за правење родопсин биле земени од алгите и „сместени“ во клетките во „преживеаните“ слоеви на мрежницата на пациентот. Сега, кога светлината стигнува до нив, тие испраќаат сигнали до мозокот.

Меѓутоа, тие реагираат само на килибарна светлина, па пациентот носел очила со камера напред и проектор назад за да сними што се случува во реалниот свет и да проектира верзија во вистинска бранова должина кон окото.
Потребни биле месеци за нивото на родопсин во окото да стане високо, а мозокот да „научи нов јазик“ заради видот. Првите знаци на успешно лекување се појавиле кога пациентот одел и сфатил дека го гледа пешачкиот премин. Тој сега не гледа совршено, но разликата помеѓу слепилото и ограничениот вид е навистина огромна.