Американскиот град Денвер на референдум гласаше за декриминализација на употребата на психоделични печурки, кои содржат психоактивни соединенија псилоцин и псилоцибин, пренесува Би-би-си.

50,6 отсто од жителите на Денвер позитивно одговориле на референдумското прашање за тоа дали Градот за лична употреба и поседување дрога треба да има минимални казни.

Иако употребата и поседувањето психоделични печурки технички сè уште ќе биде незаконско, во ограничена мера ќе биде дозволено за лична употреба.

Имено, на полициските службеници отсега ќе им биде забрането да трошат средства и време за казнување на лична употреба и поседување дрога за жителите на градот и општината Денвер постари од 21 година.

Федералната влада на САД тврди дека псилоцибинот и другите слични состојки имаат висок потенцијал за злоупотреба и оти не постојат научни докази за нивната медицинска вредност.

Со ваквиот став на владата не се сложува групата „Декриминализација Денвер“, која всушност го иницира референдумот. Групата верува дека некои печурки може да бидат корисни во третманот на главоболка, посттрауматско стресно нарушување и опсесивно-компулсивно нарушување.

Според студија од 2016 година објавена во угледниот магазин „Лансет“, халуциногените хемикалии што се наоѓаат во психоделичните печурки може да им помогнат на луѓето што страдаат од неизлечива депресија.

-Никој не треба да оди во затвор, да го изгуби старателството над децата, да ја изгуби работата или граѓанските права поради консумирање печурки, велат од групата „Декриминализација Денвер“.