Дедо Мраз од Финска испрати порака до сите деца во светот дека Божиќ нема да биде откажан, иако годинава пандемијата на ковид-19 предизвика безброј непријатности речиси за сите семејствата, пренесува „Глобал хералд њус“

Во финскиот парк на арктичкиот круг се собираат илјадници деца годишно, а поштата на Дедо Мраз во близина на Рованиеми добива писма од цел свет напишани од деца со желбите за Божиќ и Нова година.

Најголемата желба на финскиот Дедо Мраз е сите да останат безбедни оваа година.

– Смислата на зимските празници е да се поминуваат со радост во семејството. Затоа, останете дома, каде што сте најбезбедни – рече Дедо Мраз.

Финска спроведува строги рестрикции за патувања, иако има пониска стапка на заболени од ковид-19 во однос на другите држави на Европа, така што повеќето странци не можат да влезат во земјата.

Туристичките компании во регионот веќе почнале да им даваат откази на вработените и да предупредуваат дека ако финската влада не ги олесни мерките, оваа година нема да има ништо од зимските празници.