Теодор Мицески е победник на деветтиот и, наедно, последен циклус на проектот „Ново име“, со кој исто толку млади таленти од цела Македонија добија можност да го остварат својот сон. Станува збор за проект што во текот на 2020 година во целост го реализираа компанијата „ХТЛ Македонија“ и брендовите членки на групацијата „Новоматик“ во нашата земја. Нивната мисија беше да ги препознаат младите таленти и да им овозможат да ги унапредат своите знаења и вештини, со финансиска поддршка.
– Во текот на минатата година деветмина млади таленти добија можност да се претстават на јавноста, да го откријат својот талент и со наклоност на публиката да ја освојат титулата ново име, а со самото тоа и нашата поддршка за да ги усовршиме своите вештини. Горди сме што сме дел од остварувањето на нивниот сон – истакна Марија Саздовска, координаторка на проектот.
Помеѓу забележаните таленти е и победникот на последниот декемвриски циклус – младиот вљубеник во фотографијата Теодор Мицески од Прилеп. Пред него титулата ја освоија: Сандра Туфеска за цртање, Влатко Иљачев за пеење, Антониј Ристески, Викторија Симеонова и Станче Алексов за музика, Ангела Георгиевска за танц, Александар Јакимовски за гејминг и Мартин Милески за фотографирање.