Фестивалот „Оф-фест“ годинава ќе се одржува во рекордни шест дена, од 3 до 8 јуни, и ќе понуди девет концерти и еден документарен филм, соопшти организаторот – „Скопскиот џез-фестивал“.

Осумнаесеттото издание на „Оф-фест“, вечерва, во МОБ, ќе го отвори виртуозниот дует на велшката харфистка Катрин Финч и сенегалскиот кора-мастер Секоу Кеита, како и концертната премиера на новиот материјал на македонскиот музичар со њујоршка адреса Крсте Роџевски, кој ќе настапи со своите најблиски музички соработници од њујоршката џез-сцена.

– Во вторник, 4 јуни, во МКЦ, ќе се слави музиката од Мали, најпрво со прикажување на документарниот филм „Мали Блуз“, а потоа и со концертот на единствениот Басеку Кујате и неговиот бенд „Нгони Ба“, промовирајќи го својот најнов, одлично оценет албум „Мири“. Звукот на Мали ќе одекнува и следната вечер, на 5 јуни во МОБ, со настап на најголемата ѕвезда на годинашниот „Оф-фест“, атрактивната африканска дива Фатумата Дијавара – соопшти организаторот.

Во рамките на програмата „Балкан фивер најт“, на 6 јуни во МКЦ ќе настапат претставниците на унгарската тамбура „Сондорго“ и нашиот Џамбо Агушев со својот многуброен дувачки оркестар.

Претпоследната вечер, на 7 јуни во МКЦ, е посветена на модерната интерпретација на традиционалното, претставена низ аудиовизуелен перформанс на либанската група „Лов енд ривенџ“ и „Ромперајо“ од Колумбија.
Годинашниот „Оф-фест“ ќе заврши на 8 јуни во клубот „Епицентар“ со ексклузивен полноќен диџеј-сет на Деди Џи од „Масив атак“.