Откако е родена овцата Доли во 1996 година, успешно се клонираат уште неколку животински видови

Пред 23 години, успешно беше клониран првиот цицач од возрасна соматска клетка, овцата Доли. Овој потфат го спроведе тим научници од институтот „Рослин“ во Шкотска, кои им го отворија патот на истражувачите во клонирање на други цицачи. Прочитајте кои видови биле клонирани по Доли.

Свињи
Компанијата „ППЛ терапетикс“, компанија што работеше за институтот „Рослин“ за клонирање на овците Доли, во 2000 година објави дека клонирала пет прасиња (Мили, Криста, Керел, Дотком и Алексис) од возрасни свински клетки, објави списанието „Нејчр“.

Мачки
На 22 декември 2001 година, истражувачи од универзитетот во Тексас „А и М“ ја клонирале мачката наречена Си-Си. Иако мачето било генетски идентично како сурогат-мајката Виножито, шарите на нејзиното крзно биле поинакви.

Елен
Истражувачите од универзитетот во Тексас „А и М“, исто така, го клонирале белоопашестиот елен Деви во 2003 година. Роден е благодарение на сурогат-мајката Свит Пај на 23.5.2003 година и е клониран од клетките на кожата земени од мртво белоопавче.

Коњи
Во 2003 година, истражувачи од Италија ја клонираа кобилата Промотеа. Интересен факт е дека нејзината сурогат-мајка исто така била дарител на генетски материјал.

Кучиња
Во Јужна Кореја е клонирано кучето Снупи во 2005 година (24 април). Клонирано е од клетките на кожата на возрасен авганистански пес. Снупи бил единствениот преживеан од 1.095 ембриони на кучиња од 123 сурогат-мајки.

Глушец
Во 2008 година, јапонските научници објавија дека клонирале глувци користејќи клетки замрзнати на -20 степени Целзиусови, кои ги поминале 16 години во таа состојба. По одмрзнувањето на клетките, истражувачите откриле дека имаат пукнатини, но сепак се во можност да ја извлечат потребната ДНК за здрави клонирани глувци.

Дива коза
Во 2009 година, научниците направија уште еден чекор напред: првпат клонираа изумрен вид букардо. Група научници од Шпанија, Франција и од Белгија користеле зачувани примероци од букардо, зачувани во 1999 година за оваа намена. За жал, младата коза умре само неколку минути по раѓањето поради оштетување на белите дробови.

Волк
Истражувачи од Јужна Кореја клонирале загрозен вид сив волк во 2005 година, а се родиле Снуволф и Снуволфи. Едното младенче е родено на 18 октомври, а другото на 26 октомври 2005 година. Двата клонирани волка потекнуваат од генетски материјал земен од ушните клетки на женски сив волк.

Камила
Камила по име Инзаз била клонирана од јајцата на мртва камила и била родена од сурогат-мајка. Родена е на 8 април 2009 година во Обединетите Арапски Емирати и тежела 30 килограми.