Бројот на смртни случаи од сепса е двојно поголем од она што претходно се сметаше, покажале податоците од глобалното истражување што го објави „Лансет“. Според најновите податоци, во 2017 година, 49 милиони луѓе во светот имале сепса, додека 11 милиони починале од нејзините последици. За споредба, според Светската здравствена организација, имало 9,6 милиони смртни случаи од рак во 2018 година.
Сепса или труење на крвта е таканаречен скриен убиец затоа што не се открива лесно и предизвикува сериозно нарушување на имунолошкиот систем на организмот, кој покрај борбата против инфекцијата, треба дополнително да го спречи и евентуалното откажување на органите. Бактериите и вирусите што предизвикуваат воспаление на цревата или пневмонија се главни предизвикувачи на клиничкиот синдром. Пациентите што ќе ја прележат инфекцијата може да имаат трајни последици врз организмот.

Доколку инфекцијата се открие навремено, настанувањето на сепсата може да се спречи со соодветна антибиотска терапија и лекови. Но и покрај тоа, денес сепсата е причина за еден од пет смртни случаи во светот.
Новите процени се направени по пат на анализа на објавените податоци од Институтот за метрика и еволуција на здравјето во Сиетл. Оваа студија, за разлика од претходната, опфаќа податоци од скоро сите земји и вклучува земји со сиромашни и средни приходи во светот, каде што податоците потешко се собираат. Се заклучило дека речиси 86 отсто од смртните случаи се пронајдени во неразвиените делови на светот, додека во Велика Британија бројката е повисока отколку во Шпанија, Франција и во Канада.

Податоците, исто така, покажале дека децата се најмногу изложени на ризик. Поточно, повеќе од половина од случаите на сепса во светот во 2017 година биле пријавени кај деца, при што страдале скоро три милиони.
– Вознемирени сме од фактот што стапката на смртност од сепса е многу повисока отколку што се сметаше претходно, а постојат превентивни мерки и третман на болеста – вели Мосен Нагави, еден од авторите на студијата.
Поточно, лекарот смета дека еден од главните проблеми е што многу инфекции денес не се лесни за лекување, бидејќи бактериите и вирусите се развиле толку многу што постојните лекови не се секогаш ефикасни.

– Денес, сепсата носи повеќе животи отколку карциномот, но добрата превенција не е можна насекаде. Затоа е неопходно земјите-членки на Обединетите нации да ги имплементираат националните акциони планови, кои ќе бидат насочени кон силен превентивен одговор. Доколку итно не се спроведе акција, не се воведат нови терапии и не се подобри здравствениот систем, бројот на загинати во светот само ќе расте – заклучи Рон Даниелс, директор на Глобалната алијанса за сепса на одржаната прес-конференција за медиумите.