До овој дел од Франција се стигнува по неколку часа патување од Париз. Попатно, пред да стигнеме до нашата главна дестинација, градот Амбуаз, минуваме низ живописни предели покрај реката. Се редат едно по едно гратчињата, а секако восхит предизвикува Блуа, мало живописно место покрај реката, каде што на скалила може да се забележи овековечен ликот на Мона Лиза, како потсетник на големиот уметник Леонардо да Винчи

Каролина Мицевска, специјално за
„Нова Македонија“ од Франција

На простор од околу двесте на сто километри, по должината на француската река Лоара и нејзините притоки, се наоѓаат голем број замоци, величествени градби што пленат и предизвикуваат восхит. Уште кога биле изградени биле зданија што го краселе пределот. Зошто токму таму биле подигнати? Има повеќе одговори, но можеби причината е што над долината на Лоара небото е постојано сино или, пак, поради тоа што реката е оддалечена од границата, или затоа што тука, на големиот број брегови била завршена стогодишната војна. Од денешен аспект можеби не се толку важни причините за изборот на локацијата, поважно е дека на овој предел, за кој се вели дека е срцето на Франција, се создале убавини што и денес предизвикуваат восхит и се крајна цел на голем број туристи.

Кога намерниот патник, како мене, ќе одлучи, заедно со поголема група пријатели, предводена од водичот Бранко Карески, да ја посети долината, тоа значи дека предизвикот навистина е голем. И нема да зажали секој што ќе одлучи да дојде тука, во срцето на Франција, да прошета низ многубројните гратчиња, да ги разгледа замоците од бајките, да поужива вкусувајќи од специјалитетите на француската кујна.
До овој дел од Франција се стигнува по неколку часа патување од Париз. Попатно, пред да стигнеме до нашата главна дестинација, градот Амбуаз, минуваме низ живописни предели покрај реката. Се редат едно по едно гратчињата, а секако восхит предизвикува Блуа, мало живописно место покрај реката, каде што на скалила може да се забележи овековечен ликот на Мона Лиза, како потсетник на големиот уметник Леонардо да Винчи.

Пристигнуваме во Амбуаз, живописно гратче на брегот на Лоара, централна Франција. Не е многу големо, но несомнено е богата неговата историја. Амбуаз е град-паметник за голем број историски настани поврзани со големи луѓе, место каде што престојувале француските кралеви, место на раѓањето на Карло Осми, и место на последните години од животот на големиот уметник Леонардо да Винчи. Мирен, тивок предел, со тесни улички и со неколку знаменитости: црквата „Св. Денис“, градена во неколку фази низ вековите, црквата „Св. Флорентин“ од 15 век и др.
Со својата импозантност плени историското здание, замокот „Амбуаз“. Исклучителна крепост од која се шири фантастичен поглед на околината и на реката. Дворец што бил омилена резиденција на француските кралеви. Тука во едниот дел е капелата на св. Губерт каде што е и гробот на Леонардо да Винчи.

Прошетката низ дворецот е вистинско задоволство – прекрасни сали за гости, за одмор на кралевите. Која од која просторија поубава, во еден дел дури и галерија. Така, шетајќи, фотографирајќи што, секако, е неизбежно кога си во ваква убавина што плени, ја дознаваме историјата на замокот „Амбуаз“, неговото значење. Да се раскаже треба многу простор. На воодушевувањето му нема крај. Надвор околу дворецот има прекрасни градини што се вистинско уживање за посетителите, кои воздивнуваат од убавините.

Следната дестинација е замокот „Виландри“, кој е во близината на Лоара, од периодот на ренесансата, препознатлив по преубавите градини, направени од бескрајни и разновидни геометриски облици, внимателно и беспрекорно одржувани. Градините и лавиринтите од бајките во „Виландри“ се наследство на семејството Карваљо. Уште на самиот влез вниманието на посетителот го предизвикува бескрајната зелена површина, која мами да го истражиш секој сантиметар. Постојано има присуство на посетители. Можеби годишно доаѓаат над 350 илјади за да се восхитуваат на убавината, различноста, хармонијата на ова преубаво место. Речиси два часа останавме да уживаме во убавите декоративни градини, во орнаментите, водната, сончевата и вегетативната градина. Не знам што повеќе ми предизвика восхит. Дали широките алеи, дали цветните простори, терасите или, пак, жуборот на водата во езерото, зеленилото, лавиринтите. Имаш чувство дека си во рајот, дека не треба да заминеш оттука. И да, со тешко срце заминавме од „Виландри“.

Следната дестинација е дворецот „Усе“, изграден на крајот од шумата Шинон. Средновековна крепост со убава градина, која низ вековите сменила повеќемина сопственици. Прошетката низ дворецот е вистинско задоволство, како во бајките. Замокот е познат уште како дворецот на Заспаната Убавица, затоа што на Шарл Перо му бил инспирација додека ја пишувал познатата бајка. Во 15 век оваа средновековна тврдина била делумно реновирана за да ѝ се додадат ренесансни детали. Со високите кули, со автентичните прозорци, елегантните оџаци и ренесансниот двор, дворецот плени и остава незаборавни спомени по посетата. При прошетката се запознавме со вредните експонати. Извонреден мебел, костими, гоблени од бриселската мануфактура, портрети на значајни личности се пред посетителот со сиот сјај и убавина. Вистинско ремек-дело, кое не се раскажува со зборови. Завршуваме внатре со посетата и продолжуваме низ градината. Многу помала отколку градините во „Виландри“, но сепак убаво креирана. Погледот шара по околината, фантастично, рај за очи. Убавина што треба да се доживее.

Престижен, величествен, екстравагантен… Ова се само некои од зборовите со кои можам да го опишам дворецот „Шамбор“, кој е најголемиот дворец во долината на Лоара, градба полна со изненадувања за посетителите. Вистинско светско културно наследство. „Шамбор“ е фантастична градба, која е повеќе од замок – тоа е кралскиот сон претворен во реалност. Се наоѓа во пределот помеѓу Блуа, Шампани и Шатон. Здание што од 12 век било сопственост на француските кралеви. Елегантен замок што плени не само со својата надворешност, туку и со внатрешноста, пред сѐ поради смелата архитектура. Спој на францускиот стил со италијанската елеганција. Во неговата градба биле ангажирани повеќе од 1.800 луѓе. Дека во градбата на замокот има италијанско влијание повеќе е од евидентно, особено на големиот Леонардо да Винчи, пред сѐ поради прекрасните тераси, внатрешните скали, кои се во самиот центар на замокот. Овој тип скали се градени по традиционална средновековна шема, додека, пак, градините се типично изградени според француската средновековна традиција. Посетителот има што да разгледа внатре. Огромни сали, кралски апартмани што ја раскажуваат некогашната историја, но некои од нив се модернизирани и се користат како изложбени простори. Но она што особено ме воодушеви мене се скалите, извонредно архитектонско дело, како и терасата на самиот врв на замокот во вид на плоштад. Оттука се шири фантастичен поглед не само на убаво уредените градини, туку и во далечината.

Со жалење констатираме дека времето за посета завршува. Првично велам дека малку ми е за да се запознаам со убавините на „Шамбор“, ама тоа е што е. Толку е предвиденото време. Заминуваме од овој дел на Франција, од долината на Лоара со мисла дека овие замоци, а ги има уште многу други како што се „Блуа“, „Кло Лусе“, „Шомон“, „Шенонсе“… денес се неми сведоци на славната историја на Франција, кои сами по себе предизвикуваат искрениот восхит кај посетителите.