Дворецот „Ноишвајнштајн“, кој се наоѓа во германската покраина Баварија, е меѓу најпосетуваните туристички атракции во Европа, бидејќи годишно тука доаѓаат по 1,3 милион луѓе. Има и тврдења дека токму тој бил инспирација за логото на компанијата „Дизни“, како и за дворецот од долгометражниот цртан филм „Трнорушка“.
Оддалечен е помалку од три часа возење од Минхен, а бил отворен во 1886 година. Изграден е по желба на Лудвиг Втори Баварски, кој бил познат како човек што многу ги сакал луксузот и екстраваганцијата. Иако плаќал со сопствени пари, жителите на Баварија му забележувале дека се занимава со
тривијални работи, а ним не им помага.
Изгледот на дворецот го осмислил архитектот Едвард Рајдел и може да се смета за типичен за архитектурата од 19 век. Полукружни лакови, високи кули и раскошен декор се елементите што на „Ноишвајнштајн“ му даваат магичен изглед. Опремен е со најновата технологија на тоа време: електрично ѕвонче за слугите, централно греење и лифт.
Голем број слики што ги красат ѕидовите на замокот биле инспирирани од оперите на Рихард Вагнер. Лудвиг Втори му бил близок пријател на композиторот и многу го почитувал, а во една пригода навел дека го изградил „Ноишвајнштајн“ во негова чест.