Француски турист морал да плати казна од 1.000 евра откако се обидел да замине од аеродром во Сардинија, носејќи со себе околу два килограма песок од локалните плажи во неговиот багаж, пренесува Си-ен-ен.

Белиот песок на италијанскиот остров е заштитен, а туристите се соочуваат со парични казни, па дури и со затвор, за земањето песок од локалните плажи.

Туристот бил приведен на аеродромот во Калјари на 1 септември, откако кај него било пронајдено шише во кое имало два килограма песок.

– Шишето е конфискувано и сега е во просторија каде чуваме одземени предмети. На крајот на годината на овој начин кај нас се собираат повеќе шишиња песок – изјавил претставник на локалните власти.

Во 2017 година е воведен регионален закон со кој се забранува земањето песок од плажите на Сардинија.