Ентони Хопкинс и Џонатан Прајс се ѕвездите на Нетфликс оваа сезона! Токму овие две звучни актерски имиња се она што веднаш им го привлекува вниманието на гледачите, а кога станува збор за актери од овој калибар, тешко е да се замисли дека продуктот би бил помалку од одличен.

„Двајца папи“ е филм што го опфаќа периодот во кој кардиналот Рацингер (игран од Ентони Хопкинс) е избран за нов папа (папата Бенедикт Шеснаесетти) по смртта на папата Џон Пол Втори, како и периодот во кој тој, веќе навлезен во длабока старост, решава да му ја препушти католичката престолнина на кардиналот Берголио (кого го игра Џонатан Прајс), за кого и покрај драстично различните сфаќања, ставови и филозофии, сепак верува дека би бил достоен наследник, како папата Франциск.
Режисерот Фернандо Мерелес, кој на филмската публика ѝ е познат по „Градот на Бог“, повторно ја докажува својата маестралност, создавајќи дело што на многу интересен и симпатичен начин го доближува светот на папата до обичниот човек. А за да уживате во овој филм, воопшто и не е потребно да сте католици, ниту пак верници.

Овој филм, во основа, е категоризиран како драма што силно се потпира на моќните дијалози помеѓу двајцата фантастични актери, Хопкинс и Прајс, но наедно, тој изненадувачки претставува и суптилна комедија. „Двајца папи“ е филм за религијата, за моќта и односот на овие две големи и важни свештени лица, како и филм што ја допира темата за иднината на Католичката црква, каде што промените тешко се случуваат, скандалот „Ватиликс“, корупцијата и ужасните случаи на педофилија помеѓу свештениците. Овој филм не ја штеди својата публика дури ни од мрачната страна на аргентинската воена диктатура, прикажана преку сеќавањата на папата Франциск. Но иако овој филм цврсто се темели на несомнено многу сериозни теми, Мерелес успева на ненападен и допадлив начин да проткае свежина и хумор – жичката што внесува баланс, и најважно, човечност во ликовите на двајцата папи, луѓето за кои лесно се заборава дека се токму тоа – луѓе!

Двајцата папи шетаат низ градини и дебатираат на разноразни теми како двајца стари пријатели, кои никогаш не можат да се согласат. Едниот е конзервативен традиционалист што свири пијано, јаде сам и смета дека е непристојно да игра танго, додека, пак, другиот ги слуша „АББА“ и „Битлси“, љубител е на фудбалот, сака да се шегува, да оди на концерти и негува далеку попрогресивни ставови од оној пред него.

Но додека едниот се соочува со длабок сомнеж и тешкотија да признае дека „повеќе не го слуша гласот на бога“, како и дека бил сведок на неправди што ниту ги спречил ниту ги пријавил, па одлучува да замине од својата висока позиција, другиот со години ја избегнува токму таа позиција, сомневајќи се во својата душевна чистина, сеќавајќи се на своето минато и на поранешните сторени гревови.

Но во нивните долги, богати дијалози и двајцата од нив го наоѓаат својот мир, потсетувајќи се дека ниту едниот ниту другиот не се светци и дека гревовите се дел од станувањето човек.

„Двајца папи“ е филм адаптиран на драмскиот текст „Папата“ (2017) од Антони Мекартен, а наедно е базиран и на вистинити настани. Иако не знаеме колкав процент од она што го гледаме е комплетна вистина, Мерелес завршува одлична работа и во начинот на кој бара од Цезар Шарлон да ги сними кадрите, а Фернандо Штуц да ги монтира. На крајот, добиваме нешто што личи на сосема веродостоен документарен филм. Музиката на Брајс Деснер е одлична, како и сѐ друго во филмот, а тука е вклучен и интересен избор на светски познати песни за кои не би очекувале да ги чуете во филм што се занимава со оваа тематика.

Кастингот во овој филм е повеќе од совршен. Фантастичните Ентони Хопкинс и Џејсон Прајс, покрај тоа што сѐ уште воодушевуваат со својот талент и професионалност, тие и неверојатно физички личат на ликовите што ги толкуваат.

„Двајца папи“ е одличен пример за филм што може да понуди богата психолошка и теолошка содржина, но во исто време да остане лесен за процесирање. Овој филм претставува вистински кинематографски бисер за секој што знае да ужива во визуелно убави сцени исполнети со долги дијалози и монолози, во кои секоја реченица и секој збор се како нишки од злато што везат приказна за човекот поголема од приказната за Бог.