Менде Младеновски, специјално за „Нова Македонија“ од Москва

Уште на пистата по слетувањето на московскиот аеродром „Внуково“, ве гали свеж и чист воздух и широко ви се отвораат градите за чистиот воздух каков што одамна не се дише во Битола. Очигледно московјаните, кои ги има над 20 милиони, и покрај развиената индустрија и густиот надземен и подземен сообраќај, дишат чист воздух, каков што кај нас можеби никогаш нема да има, дури и да се затворат сите стопански рударски или енергетски капацитети. Првиот впечаток е дека овој милионски град изобилува со многу зеленило, непрегледни шуми и дрвореди.

Огромните станбени блокови од соцреализмот, кои се доста одржани, се обвиткани во зеленило, а тревни површини и паркови има и околу новите станбени објекти, кои засилено се градат во Москва. Таква е сликата и околу „Парк хотел Фили“, каде што сме сместени, кој, како и огромниот број објекти во градот, е опколен со високи дрвја, а наспроти него на неколку хектари се протега огромниот парк „Фили“, во кој московјаните се рекреираат.

Парковите тука, без разлика дали се на периферијата, или на Црвениот плоштад кај Кремљ, се уредени како воопшто да не расте тревата. Чистотата е на највисоко ниво, нема канти за отпад по улиците, па дури ќе се запрашате каде се фрла ѓубрето, кое несомнено го има во огромно количество, со оглед на бројноста на населението. Тука хигиената не е само грижа на комуналците, туку на сите. А Москва се чисти 24 часа, чистотата има првостепено значење. Сепак, најимпресивни се цветните градини околу Црвениот плоштад.

Токму поради сево ова, главниот град на Русија беше прогласен за најудобен град за живот во земјата во истражувањето што го направија Агенцијата за хипотекарни станбени заеми и КБ „Стрелка“. Студијата се базира на процена на индикатори, како што се домување и околниот простор, улична инфраструктура, зеленило и водни површини, социјално-рекреативна зона и сл.

Уште во 2016 година градот направи план за раззеленување на централниот дел, обиколницата Градина, некогаш позната по градините, а потоа претворена во асфалтен пат со 16 ленти. Со планот се засадени три илјади дрвја на местото што во 19 век било познато по зелените градини, за во времето на Сталин тие да исчезнат под бетонот. Голем број градски паркови беа комплетно реновирани, особено паркот „Горки“, а новите пешачки површини, можностите за велосипеди и користење такси го променија начинот на кој луѓето се движат околу градот. Главната цел била да се направи градот почист, потивок и попријатен за живеење, а очигледно тоа им успеало.