Фото: Дарко Андоновски

Матео Педазо, италијански архитект

Се наоѓате во прекрасна долина, долина што веќе е зелена, значи треба да се внесе оваа природа внатре во градот, низ природните еколошки коридори, имате прекрасна река што би можела да стане ’рбетниот столб на некој евентуален проект, тоа би можело да биде одлична можност Скопје да се претвори во позелен град, вели Педазо

Матео Педазо, директор за стратегиско планирање и урбан планер за пејзажно проектирање и уредување на јавниот простор во „Ленд“, е еден од тројцата италијански архитекти што беа гости во Скопје по повод спроведувањето на новиот проект „Паметен град“, кој предвидува да го направи Скопје модерна престолнина. Тој ги споделува своите искуства и нуди решенија за тоа како Скопје да стане паметен и одржлив град, особено кога станува збор за зелените површини во градот.

Што е најважно за еден град кога станува збор за зелените површини?
– Што се однесува до архитектурата на Скопје, таа е тесно поврзана со урбаниот развој и исто така со квалитетот на јавниот простор. Надвор од каков било избор или насока во однос на некој објект или простор, вниманието што сакавме да го посветиме е улогата на јавните површини што овозможуваат како систем да се создаде врска помеѓу сите различности и можности што ги нуди градот. Постојат интересни потенцијали во кои може да се интервенира и веројатно има многу што да се направи. Зборувајќи, на пример, за реката Вардар можно е да се обнови урбаното живеење околу неа со кое ќе се овозможи поголем социјален живот. Во Европа, но и во Скопје, има сѐ повеќе потреба од град, од повеќе урбаност, но истовремено и од повеќе природа во градот.

Кои се вашите предлози за позелено и поурбано Скопје?
– Во оваа смисла, би можеле да се ослободат големи синергии, треба да се дејствува за да се задржат двете работи заедно и да се работи на големата тематика за јавниот простор. Постојните јавни простори се преполни со граѓани. Дека шетав во Старата скопска чаршија беше прекрасно, таму има интензивен, урбан живот, пријатен, а токму тоа е духот на европскиот град – слоевита, модерна, современа, а исто така и интернационална архитектура. Но, пред сѐ, треба да се има тој заеднички простор, создаден од јавен простор. И зошто тој јавен простор да не биде зелен? Се наоѓате во прекрасна долина, долина што веќе е зелена, значи треба да се внесе оваа природа внатре во градот, низ природните еколошки коридори, имате прекрасна река што би можела да стане ’рбетниот столб на некој евентуален проект, тоа би можело да биде одлична можност Скопје да се претвори во позелен град.

Како да се остварат овие цели?
– За да се направи тоа потребни се проекти, важни и долгорочни визии што ќе создадат стратегија. Потоа, исто така, потребни се краткорочно и среднорочно планирање, секојдневно работење и имплементација во која треба да се вклучат сите енергии на градот. Владата може да обезбеди насоки и средства. Истото би можеле да го понудат и европските институции, како и општините, компаниите, граѓаните итн. Само преку оваа синергија и интеракција може да се ослободи таа енергија, сите да се движат во истата насока – што може да придонесе Скопје да стане зелен град. Дури може да кажеме дека веќе е зелен град, но има проблем со загадувањето. Треба да се работи, да се засадат повеќе дрвја, треба да се трансформирааат овие природни површини во зелени и општествени инфраструктури. Патот на некој начин е трасиран. Но со поголема ефикасност и храброст треба да се направи навистина амбициозен проект што би се реализирал во следните 10, 20 години.

Кои се последните тенденции во архитектурата… Во кој правец треба да се развива?
– Трендовите во архитектурата сѐ повеќе се во развој, каде што гледаме дека технологијата и аспектот на одржливоста ги преземаат одлучувачките улоги. Градењето нови згради, според архитектите со кои работиме, сега имаат тенденција да се зелени, да не трошат енергија, туку дури и да произведуваат енергија, што го сведува на нула нивното влијание врз животната средина. Ова е вистинскиот предизвик. Инкорпоририрање на природата во архитектурата. Постои познатата Вертикална шума во Милано, која стана икона така што природата и архитектурата се спојуваат речиси во еден елемент, единствен симбол и мислам дека ова е предизвикот на градовите на иднината, односно да се биде одржлив. Знаеме дека градовите на планетава заземаат само 2 отсто од површината, каде што живее повеќе од 50 отсто од населението, кои трошат повеќе од 70 отсто од енергијата и произведуваат 80 отсто од емисиите на загадување. Предизвикот е таму, сето тоа е во градовите и мораме да се концентрираме на тоа да ги направиме одржливи. Мислам дека Скопје го има потенцијалот да се вклопи во оваа дебата, која е глобална.

Познатата Вертикална шума во Милано стана икона така што природата и архитектурата се спојуваат речиси во еден елемент