Војче Китановски настапил на многу концерти на легендарниот Здравковиќ

Познатиот македонски хуморист, имитатор и водител Војче Китаноски од 1985 до 1991 година соработувал со легендарниот српски пејач Тома Здравковиќ и гостувал на стотици негови концерти на просторите на некогашна Југославија. Сеќавањата на овој голем пејач, кого публиката многу го сакаше и ги полнеше салите секаде каде што настапуваше, пеејќи ги заедно со него сите негови песни, повторно се разбрануваа со појавата на филмот „Тома“ на српскиот режисер Драган Бјелогрлиќ, кој се прикажува и во Скопје. И сите што го погледнале филмот не можат да ги скријат емоциите, а секако многу години наназад, по гледањето на „Тома“, се врати и Китаноски.
– Тома Здравковиќ беше исклучителен човек, добар, неповторлив, единствен… Се разбира не беше совршен, како што не е никој од нас. Неговите песни за него беа смислата на животот и концертите на кои ги пееше. Беше магнет за жени, со шест промашени брака зад себе, но и магнет за пороци. Живееше брзо и бурно, па во една пригода неговиот колега Мирослав Илиќ го праша: „Томо, застани малку, што ќе правиш кога ќе остариш? “, а тој му одговори: „Тогаш мене нема да ме има“! И затоа мислам дека филмот е убав и буди многу чувства кај гледачите, бидејќи и животот на Тома Здравковиќ беше таков – ни рече Војче Китаноски.
А тој за Здравковиќ слушнал уште како дете, во родното село Крапа, кога на радио ќе фател понекоја негова песна. Ни во сон не можел да помисли дека токму тој од 1985 до 1991 година, само десетина дена пред неговата смрт ќе соработува со легендарниот пејач.

– Уште од мал ги сакав сцената и настапите, но за да ги задоволам и амбициите на моите родители дипломирав на Шумарскиот факултет во Скопје, а подоцна и на туризам. Се сеќавам кога дојде татко ми еден ден насмеан и ми вели: „Војче од утре си на работа во Македонски Брод? Јас разочарано одговорив: „Каков Македонски Брод, мене Југославија ми е мала, а ти тука сакаш да ме заробиш“. Тоа беше мојата дефинитивна одлука да се определам за естрадата и не се каам поради тоа – вели тој.
По игра на случајноста, во 1983 година во Штип, менаџерот на Мики Јевремовиќ го ангажирал да гостува на сите десетина концерти на познатиот пејач во Македонија, што за него била голема отскочна штица. Подоцна Мики го ангажирал да го придружува и на концерти низ поранешна Југославија и на некој од нив го забележал менаџерот на Тома Здравковиќ.
– Веднаш му се допаднав на Тома, се сеќавам ми велеше: „Ти си феномен, како може во центарот ’Сава‘ да направиш шоу, а не си глумец, не си популарен тука?“ А доказ дека навистина допирав до луѓето е и убавата критика што ја добив од новинарот на „Политика експрес“, Оливер Станоевиќ, во неговата рецензија на трите последователни концерти на Здравковиќ во центарот „Сава“ во Белград. „По прекрасната песна ’Тажно лето‘ на сцената се појави првиот гостин на вечерта Војче Китаноски. Овој скопски хуморист и имитатор е непознат за пошироката публика, но естрадните абери, неколку години зборуваат дека станува збор за исклучителен забавувач. Тоа Војче и го докажа, на самото место пред публиката во центарот ’Сава‘“, се вели во критиката. Никој посреќен од мене, соработувам со една голема легенда. Всушност тоа што го доживеав за мене беше една голема животна школа – вели Китаноски.

Многу случки поврзани со Тома ќе останат засекогаш врежани во неговата меморија.
– Три години нонстоп бевме заедно, тој возеше, јас до него, музичарите во друг автомобил. Подоцна кога доаѓаше во Македонија задолжително ме земаше со себе. Јас тогаш живеев во студентскиот дом „Кузман“ во Скопје и еднаш Тома се претставил и замолил да ме побараат. Портирот возбудено трчаше низ ходниците викајќи: „Најдете го Војче, Тома Здравковиќ го бара“. Често додека возеше ќе составеше некој стих од песна и велеше: „Војкане пишувај!“ – открива популарниот хуморист.
Војче ни рече дека Тома бил многу дарежлив.
– По завршувањето на една успешна турнеја, Тома зеде апартман за мене во хотелот „Метропол“ во Белград, ама пет дена јас не влегов во него, зашто не излеговме од кафеаната. Тој им плаќаше на келнерите и на шанкерите да ме служат и ноќе. Кога ќе се сетам колку бакшиш им даваше, сигурен сум дека за неколку месеци можеа стан да си купат. Тома ги сакаше кафеаната, жените, но и коцката… Да живеев и јас како него, со таков интензитет и мене веќе ќе ме немаше – ни рече Китаноски.
Тој ни кажа и дека Здравковиќ зад себе имал шест неуспешни брака и бил вистински магнет за жени. Повеќето негови песни им се посветени на: Марија, Бранка, Данка, Љиљана, Јованка… и сите се вистинити приказни. Но колку ги сакал нив, се чини, уште повеќе го привлекувале казината.

– Ќе ви раскажам една анегдота поврзана со негов концерт во Гевгелија. Се сместивме во хотелот „Југо“, а салата што собираше 500 луѓе беше полна. Кога Тома забележа дека долу има казино, веднаш се упати таму. Концертот требаше да почне, тој вообичаено доцни. Моравме да почнеме, дваесетина минути свиреше оркестарот, тогаш јас настапив со својата програма и едвај го извлековме Тома на сцената од казиното. Отпеа само неколку песни и вели: „А сега ве оставам на Војче Китаноски“ и повторно се упати долу. И пак истото, оркестар, Војче и едвај испеа уште три песни, но никој не му се налути – таков беше Тома – раскажа Китаноски.
Еден од настапите што тој нема да ги заборави е концертот во хотелот „Нарцис“ на Брезовица.
– Дојде многу народ и сите трпеливо чекаа. Тома се појави во 23 часот и како што се приближуваше до микрофонот, илјада души станаа простум и десет минути аплаудираа без престан. Отпеа само неколку песни, му рекоа доста е, зашто кулминацијата се случи со самото негово појавување. Тогаш сфатив колкава легенда беше – ни рече Војче.
Неговата последна средба со Тома била на 2 август 1991 година, во хотелот „Силекс“ во Охрид, пред концертот што беше дел од неговата проштална турнеја.
– Кога се видовме во Охрид, Тома веќе беше многу болен. Беше слаб, уморен, истоштен, но решен да се прости од својата публика, која го поддржуваше сите изминати години. Му реков: „Тома ќе се напиеме ли нешто?“, а тој ми одговори: „Војкане, јас своето веќе го испив“. Почина набрзо, на 30 септември 1991-та, на 53 години. Ете, филмот го врати во нашите животи и, како што велат многумина, повторно Тома Здравковиќ е најпопуларен пејач во регионот – вели Војче Китаноски.