Според новите податоци, процесот за формирање на Земјата траел околу пет милиони години, а истражувачите проценуваат дека во овој период е создадено јадрото на Земјата, со што се елиминирала раната акумулација на железо од површината

Новото откритие на данските научници менува сè што досега сме мислеле дека знаеме за Земјата. Имено, нашата планета, младата Земја, се создала во рок од пет милиони години, покажало новото истражување на Центарот за формирање на ѕвездите и планетите при Универзитетот во Копенхаген. Ова, на астрономската табела, е многу голема брзина на формирање, пишува „Сајен дејли“.

Ако Сончевиот Систем е стар 4,6 милијарди години, во споредба со 24 часа, може да се каже дека Земјата се формирала за минута и половина, што е резултат што оди против традиционалната теорија дека Земјата настанала на тој начин што се судрила со две големи небесни тела во периодот од десетици милиони години, а тоа е дека таа е создадена за 5 до 15 минути во однос на 24-часовниот период. Значи, се добива нова алтернативна теорија дека Земјата е формирана со акумулација на космичка прашина.

– Објекти со големина од милиметар се споиле и формирале планета. Оваа импликација за брзото формирање на Земјата е важна за целиот Сончев Систем и зборува за тоа колкава е веројатноста вакви планети да се формираат и на друго место во галаксијата – вели Мартин Шилер, кој го предводел истражувањето.
Според новите податоци, процесот за формирање на Земјата траел околу пет милиони години, а истражувачите проценуваат дека во овој период е создадено јадрото на Земјата, со што се елиминирала раната акумулација на железо од површината.

Благодарение на овие откритија и врз основа на теоријата за формирање на планетите од космичка прашина, истражувачите дошле до заклучок дека овој процес би можел да биде закон што се случува и на друго место во универзумот. Тоа значи дека другите планети, можеби, се формирале побрзо отколку во случајот на судир на два објекта.
Оваа претпоставка е поткрепена со откривање на многу егзопланети, планети што не се во Сончевиот Систем, а кои се откриени од астрономите од средината на 1990-тите до денес.

– Сега знаеме дека планетите се формираат насекаде и дека постои генерички механизам што создава планетарни системи. Откако ќе разбереме како функционираат овие механизми во нашиот Сончев Систем, можеме да извлечеме слични заклучоци за другите планетарни системи, вклучувајќи и кога и колку често може да се очекува присуство на вода на нив. Ако теоријата за рано создавање на планетите е навистина точна, тогаш е можно водата да е само нуспроизвод за создавање планети слични на Земјата и дека основните услови за живот може да се најдат и на друго место во универзумот – вели професорот Мартин Бизаро, коавтор на истражувањето.