Сиве овие години останав верна на себе кога се мотивите во прашање, коњите на пример, кои се најблагородните животни, се моја вечна инспирација, сликам и композиции на мртва природа во метафизичка згасната атмосфера, пејзажи во самрак, женски фигури со притаен ерос, манипулирам со светлото и со сенките, вели сликарката

Киро Кипроски

Гостиварката Даница Дана Крстевска, аматерка сликарка, го одбележа 55-от роденден со ликовни изложи во Скопје и во Гостивар. Таа, како што вели, има сликарски талент што е вроден, а работата и љубовта следуваат потоа, како и многу труд, посветеност, трпение, истрајност. Резултатите не изостанаа, таа може да се пофали со завиден ликовен опус на кој е горда. Изложбата во Гостивар е насловена „Пат низ времето“.
– Во изминативе две години го работев и го заокружив овој тематски циклус инспириран од визија, мечти, чувства и желби да се прикаже она за што повеќе или помалку сите размислуваме, а тоа е нашата минливост, нашиот пат низ времето. Токму тие слики се траги, сведоци за мојот пат низ времето. Сликам откога знам за себе, во техниката масло на платно имам континуирана дејност речиси 25 години. Освен тоа, зад себе имам многубројни групни и самостојни изложби, како и стотици насликани дела. Тематски сум веќе препознатлива, а некои познавачи на уметноста тоа го потврдија и дадоа позитивни критики за моите дела оценувајќи ги како „мајсторска фасцинантна интерпретација што сведочи за голем сликарски талент“. Делата се во релација со старите мајстори на уметноста, моето творештво е во манирот на техниката сфумато на старите мајстори на ренесансата. Делата се автентични, реалистични скрипти, инспирирани од традиционални македонски мотиви – вели Крстевска.

Одлика на делата се темниот, згаснат колорит, земјените и топли тонови, а препознатлива е по монохроматските дела. Таа вели дека тоа е резултат на нејзината интровертна природа, како и личната перцепција на светот. Тоа се гледа и преку изборот на мотивите и колоритот, кој, како што додава, има магична моќ да облагороди, да ги нагласи надежта и раѓањето на светлината во темнината.

– Сликам реализам, во последно време и надреализам. Сиве овие години останав верна на себе кога се мотивите во прашање, коњите на пример, кои се најблагородните животни, се моја вечна инспирација, сликам и композиции на мртва природа во метафизичка згасната атмосфера, пејзажи во самрак, женски фигури со притаен ерос, манипулирам со светлото и со сенките. Инспирацијата е бескрајна, музиката е мојата голема страст и инспирација, продолжението на мојата поетска мисла – вели сликарката.

Таа претходно две децении работела во индустриската кланица „Горни Полог“ од Гостивар, која е затворена.

– Цел живот сликав, но откако станав стечаец имав многу повеќе време да ѝ се посветам на уметноста, затоа што уметноста бара целосна посветеност, многу време. Инаку нема материјални бенефиции од уметноста, кога луѓето немаат средства за живот најпрвин се откажуваат од уметноста, нели, таа е луксуз, без неа се може, а од друга страна маслената техника е доста скапа, повремено треба и обновување на репроматеријалите – вели Крстевска.

Според неа, секој не може да си дозволи оригинално уметничко дело, но секој може да посети изложба и да погледне уметност.