Иако мислеше дека го заврши својот мандат како Џејмс Бонд со филмот „Спектар“, Даниел Крег беше дел и од 25-от филм за најпознатиот таен агент на светот, „Нема време за умирање“. Со оваа улога тој целосно го заврши своето 007-патување.
Речиси 60 години од прикажувањето на првиот Бонд-филм, „Д-р Но“, омилениот шпион, познат по љубовта кон брзи автомобили и софистицирани убиствени играчки, синоќа во Лондон премиерно беше прикажана последната филмска сторија за него, по 18-месечно одложување поради пандемијата на коронавирусот. Се проценува дека продукцијата на филмот чини околу 200 милиони долари, а во него Бонд, кој веќе е пензиониран, го напушта идиличниот живот во Јамајка за да помогне во пронаоѓањето нов негативец, вооружен со смртоносна технологија.
– Мислев дека нема да снимам друг филм по „Спектар“. Искрено, мислев дека ќе завршам со Бонд. Но среќен сум што имав шанса да го одработам и ова. Врзавме многу лабави краеви. Се обидовме да раскажеме една приказна со сите мои филмови за Бонд. Како да се сите поврзани на некој начин и овој некако го затвори кругот – изјави Крег во интервјуто за агенцијата „Ројтерс“.
Филмот, кој трае речиси три часа, а го режира Кари Џоџи Фукунага, ветува вообичаена акција, бркање со автомобили и акробации на живописни локации, вклучувајќи ги и пештерските живеалишта на јужниот италијански град Матера.
Во „Нема време за умирање“ се појавува новиот лик Номи (Лашана Линч) – агентка 00 на британската тајна разузнавачка служба МИ6, која изгледа еднакво жестоко и вешто како и самиот Бонд.

Освен голем број познати личности, на премиерата во лондонски „Ројал Алберт хол“ присуствуваа и Кејт, војвотката од Кембриџ, и принцот Вилијам, заедно со принцот Чарлс и Камила, војвотката од Корнвол.
На премиерата, кралското семејство се сретна со режисерот Кери Џоџи Фукунага и актерската екипа, вклучувајќи ги Даниел Крег, Рами Малек, Леа Сејду и Лашана Линч. Исто така, беа пречекани од сценаристите Нил Пурвис, Роберт Вејд, Фиби Волер Бриџ и изведувачите Били Ајлиш и Финиес О’Конел.
Инаку, Британската кралска морнарица соопшти дека sвездата на серијалот Џејмс Бонд, Даниел Крег, е прогласен за почесен командант во службата – истиот чин што го има и измислениот таен агент.
Крег (53) изјави дека се чувствува привилегирано и почестено што ја доби титулата, што му доделува ист ранг како и неговиот најпознат лик Џејмс Бонд.