Ѕвездата на филмовите за Џејмс Бонд, Даниел Крег (53), ќе добие своја ѕвезда на Холивудската патека на славните, која е туристичка атракција во Лос Анџелес. Ѕвездата со името на Крег ќе биде 2.704-та по ред и ќе биде откриена за време на утрешната церемонија во Лос Анџелес. Таа ќе биде поставена на булеварот Холивуд 7007, што претставува почит кон популарното кодно име на неговиот лик и ќе се наоѓа веднаш до ѕвездата на еден од неговите претходници, Роџер Мур.
Крег моментално го промовира својот филм „Нема време за умирање“, кој доби одлични критики и ја зајакна репутацијата на актерот како еден од најдобрите агенти што го глумеле. Филмот веќе постигна голем успех во кината и оствари профит од 22 милиони долари, по првите два дена од излегувањето на пазарот, вклучувајќи ги тука британскиот, ирскиот, германскиот и данскиот. Во САД и во Канада проекциите ќе започнат на 8 октомври.