Стриминг гигантот „Нетфликс“ објави дека „Дамски гамбит“ станала негова најуспешна мини-серија досега, пренесуваат светските медиуми.

Шаховската драма од седум епизоди има рекордни 62 милиони прегледи во првите 28 дена по својата премиера. Мини-серијата доби високи оценки на специјализираните филмски сајтови и е најстримувана серија во 63 земји по нејзиното премиерно приказување во октомври.

„Дамски гамбит“ е адаптација на истоимениот роман на Волтер Тевис од 1983 година. Сместена во 1960-ите, серијата ја следи приказната на измислениот лик Бет Хармон чиј лик го глуми Ања Тејлор-Џој. Приказната е за чудо од дете кое станува голема ѕвезда во шаховскиот свет, во кој доминираат мажи. Гари Каспаров, еден од најголемите шахисти на сите времиња, работел како советник на серијата за да се обезбеди автентичност.