„Дамбо“ доби нова верзија. Филмот го режираше Тим Бартон, а освен слончето, во филмот се појавува интересна актерска постава

Жанр: фантазија, семеен филм
Режија: Тим Бартон
Сценарио: Ехрен Кругер
Актерска екипа: Колин Фарел, Дени де Вито, Мајкл Китон, Ева Грин, Алан Аркин

Синопсис: Воениот ветеран Холт Фариер (Колин Фарел) се враќа од Првата светска војна во циркусот во кој работел, само за да провери како се смениле работите. Освен што се грижи за ќерка си и синот по смртта на својата сопруга, тој добива нова задача – да се грижи за слоновите, не знаејќи дека слонот што го купил неговиот шеф Макс Медичи (Дени де Вито) е магичниот Дамбо, кој е посебен и е слон што може да лета. Кога ќе се прочуе талентот на Дамбо, во приказната се вплеткува Ви Еј Вандевир (Мајкл Китон), кој се обидува да го искористи Дамбо во своја корист.

„Дамбо“ доби нова верзија. Филмот го режираше Тим Бартон, а освен слончето, во филмот се појавува интересна актерска постава.

Тим Бартон е вистинскиот лик за режирање на „Дамбо“, сите го засакаа поради неговите успешни проекти во 1990-тите, кога го создаде својот специфичен, чуден и магичен стил, кој и ден-денес е присутен во неговите филмови. Па истото тоа го направи и со „Дамбо“.

Оние што се сеќаваат на оригиналниот филм од 1941 година знаат дека Дамбо е еден од најкратките филмови на Дизни, трае само 64 минути. Приказната е многу симпатична, но критичарите замерија дека недостига малку душа во овој филм. Исто така, сценариото само по себе е слаба алка, но тешко би се рекло дека филмот е лош. Во драматуршка смисла, малку е забрзан и има многу детали. И фокусот не е само кон Дамбо туку кон сите ликови истовремено.

Бартон е мајстор за креирање посебна атмосфера, во која од чудак прави прекрасен лик. Неговата режија е маестрална и успева да го искомбинира визуелното со емоционалното, но во ниеден момент тоа да не изгледа претерано. Некои кадри се прекрасни, композициски целиот спектар на бои, сценографија и ефекти е совршен. Ефектите се супериорни, но и токму такви се очекуваат од Дизни. А сините очи на Дамбо маѓепсуваат.

Музиката е на Дени Елфмен, кој цело време соработува во сцените на Бартон. Мелодиите се карактеристични и работени специјално за анимираниот филм. Совршено се вклопуваат во атмосферата на фантазија.
За ликовите, критичарите имаат различни ставови. И секој од нив бара посебна анализа. Дени де Вито, кој го глуми водителот на циркусот „Макс Медичи“, има неколку комични сцени, дејствува уверливо во улогата на позитивец, едноставно комплетно се совпаѓа со улогата.

Слично е и со улогата на Мајкл Китон, кој го глуми Ви Еј Вандевир. И тој дејствува страшно уверливо во својата лажна и насилна пристојност. Ева Грин доби неочекувано интересен лик. Таа е мистериозна, соработува со негативецот и се поставува супериорно во однос на другите ликови.

Колин Фарел успеа да го отелотвори вистинскиот татковски лик на Холт Фариер, поранешен циркуски изведувач и ветеран на војната. Иако првично изгледаше несоодветно за улогата на татко (имено, неговата сопруга починала додека бил на фронт во Франција), Холт добро и автентично се развива низ филмот и на тој начин станува не само вистински херој туку и вистински татко, кој е одличен модел за децата.

И Дамбо е еден чудесен лик, кој се истакнува по својата необичност и ја искористува својата посебност за да им ја покаже својата моќ на сите. Приказната за малиот слон со големи уши што може да лета е инспиративна за секого и ги носи гледачите во светот на шармантната фантазија, на која речиси секој ѝ се восхитува.
Критичарите велат дека иако сценариото има одредени драматуршки проблеми и му фали душа, иако не е совршен филм, сепак „Дамбо“ вреди да се погледне и сепак е уште една успешна адаптација на Дизниевиот класик.