Изминативе неколку месеци во водите на Јадранско Море се одвива чудна појава што ги вознемири рибарите, но и трговците со морски плодови, угостителите и воопшто жителите од хрватската страна на брегот. Имено, сѐ позабележливо е исчезнувањето на одредени видови риби, школки и сунѓери, а некои од морските жители започнале да се однесуваат невообичаено. Особено загрижува исчезнувањето на одредени ретки и скапоцени видови школки и сунѓери, што ја доведува во прашање егзистенцијата на цели семејства, кои се занимаваат со лов и трговија со морски плодови.

Хрватските весници пишуваат за оваа појава и ја нарекуваат „повик на смртта“, објаснувајќи дека е позастапена во јужниот дел од приморјето и голта сѐ пред себе, при што исчезнуваат цели колонии школки и сунѓери, а делфините почнуваат да се однесуваат чудно. Имено, еден искусен хрватски нуркач сведочи дека со свои очи на неколку наврати видел дека постарите делфини ги следат рибарските бротчиња и ги учат помладите како да крадат риба од мрежите со улов. Порано ги учеле како да ловат на отворено море, а сега ги тераат да се снајдат.
Еден од најупатените што може да ни го одгатне овој несекојдневен феномен е нашиот сонародник Ангел Митревски, кој веќе неколку децении живее и работи во Сплит, каде што води позната фирма за трговија со риби и морски плодови.

– Пред околу една година на Елафитските Острови во близината на Дубровник, се забележа еден невообичаено голем број умрени школки од видот „периска“. Станува збор за висококвалитетна школка што живее само во чисти мориња, а ги има само 12 вида во светот, од кои двата во Јадранско Море се ендемски и се заштитени од изловување веќе од далечната 1977 година. Оваа вест помина некако под радарот на јавноста. Кон крајот на октомври беше забележан уште еден ваков случај, но дури оваа година кога на поголеми површини во јужниот дел на Јадранско Море почнаа да се случуваат слични настани и со други видови морски жители, изгледа дека ќе се сензибилизира и пошироката хрватска јавност. Имено, во поголемиот дел на јужен Јадран во последно време се забележани поголем број умрени школки од секаква старосна доба, морските сунѓери веќе почнаа да исчезнуваат од оваа акваторија, а од поплиткиот дел на морето ја снема и прекрасната школка со назив „мушула“, т.е. „вонгола“, која е препознаена од сите туристи како врвен морски специјалитет – објаснува Митревски.

Го запрашавме нашиот сонародник, кој поради природата на неговата работа важи за одличен познавач на состојбите не само во Јадранско Море туку и многу пошироко, што е причината за оваа несекојдневна појава.

– Според многуте анализи, процени и претпоставки од локалните нуркачи, риболовци па и стручњаци за Јадранско Море, изгледа дека ја плаќаме и сметката за глобалното затоплување и загадување. За среќа, сите овие појави се откриени само во јужниот и во средниот дел, додека подрачјето на Северен Јадран, сѐ уште не е зафатено со овој необјаснив, но секако трагичен настан. Можеби е вистина дека сепак доаѓа до покачувањето на средната температура на водата во Јадранско Море, особено во плиткиот и во површинскиот дел, додека постудениот Северен Јадран сѐ уште е зачуван од вакви катастрофи. Со неодговорното однесување на човечката популација кон природата, се поставува прашањето: до кога? – објаснува Митревски.

Според хрватските медиуми и сведочењето на локалните жители, сосема е поинаква ситуацијата во горниот дел од хрватското приморје. Имено, во Истра воопшто не е забележана оваа појава, туку напротив – „периски“ и сунѓери има на претек, а масовно се застапени и другите школки. Единствена забелешка имаат на појавата на еден друг вид сунѓер – т.н. „сумпорача“, која за разлика од порано сега испуштала некаква киселина од себе, па оние што ја вадат од морето мора да носат специјални нараквици, инаку ќе имаат здравствени проблеми.

Од друга страна, речиси целосно исчезнале морските ежови, на кои сите се сеќаваме како на голема непријатност кога влегувавме во водите на Северен Јадран. М.В.