Некои растенија комуницираат со ослободување хемикалии преку нивната кора, додека други видови успеваат да препознаат што се случува во нивната околина преку бактериите од почвата. По неколку децении набљудување на растенијата како исклучително пасивни учесници во трката за живот, научниците конечно успеаја да видат одредено однесување кај растенијата што многу потсетува на животните.
Многу комплицирана социјална интеракција меѓу растенијата, како што е комуникацијата, првпат беше откриена подетално на Универзитетот во Онтарио во 2007 година. Истражувањето на професорката Сузан Дадли и асистентката Аманда Филе откри дека дивите растенија како што е т.н. американска морска рукола (Cakile edentula), од родот на семејството синап (Brassicacaea), кој расте на песочните плажи, може да разликува сродни растенија. И не само тоа, туку и посебно се однесува кон нив. Ако морската рукола открие растение од друг вид покрај него, многу брзо агресивно развива предаторски корен, но ако открие растение од семејството, тоа мошне учтиво го задржува.
Истражувањата покажаа дека цветањето на едно растение бара поголемо количество енергија за растечкиот корен отколку кога се наоѓа во околината на неговите роднини. Така што во присуство на генетски неповрзани растенија, индивидуално растение ги развива своите корени што побрзо.

Некои студии покажуваат дека растенијата во одредени ситуации им бранат на соседните видови да се шират во нивниот простор.
Дадли отиде уште подалеку во своето истражување и ги раздели растенијата во саксии, со што се спречи допирањето на корените, што доведе до откривање меѓусебна сигнализација преку хемикалии што растенијата ги емитираа преку лисјата.
Очигледно, растенијата имаат некои сетила што ги имаат луѓето: тие реагираат на промени во нивото на светлина, тие се способни да ги намирисаат хемикалиите во воздухот и да „почувствуваат“ вкус од почвата, дури имаат чувство на допир бидејќи ги чувствуваат ударите на силни ветрови. Најконтроверзната претпоставка е дека растенијата можат да слушнат – идеја што датира од 19 век, на која одговорија само неколку студии што ја застапуваат тезата дека растенијата реагираат на звук, што довело до општо мислење дека за подобар раст на растенијата, потребно е да се разговара со нив.
Исто така при истражување на Универзитетот во Кјото, забележано е дека кога едни растенија се нападнати од инсекти им праќаат сигнали на сестринските билки, со цел да ги предупредат за потенцијалната опасност.
Иако на растенијата се гледа како на чувствителни суштества околу дваесет години, откритијата што се појавуваат навистина ги воодушевуваат научниците. Особено оние што сè уште не веруваат дека растенијата се во можност да го направат она што го прават затоа што немаат очи, уши, нос или мозок.
– Растенијата не се „чувствителни суштества“ што патат и кои сакаат класична музика или не сакаат рокенрол, но факт е дека тие се карактеризираат со одредено однесување – велат научниците.
Најекстремната група што доста широко се занимава со прашањето на чувствителност на растенијата се научниците собрани во Друштвото за растителна неврологија.
Оттаму тврдат дека тие буквално не се стремат да откријат чувства на растенијата, но фактот дека растенијата испраќаат сигнали едни на други е доволна причина за понатамошно испитување на овој интересен феномен.