Би било несоодветно да се нарече Џо Бајден следбеник на модни трендови. За стилот на облекување на новоизбраниот претседател на САД, во текот на речиси половина век поминат во јавна служба, може да се каже дека се засновал на сини одела и класични вратоврски, но секогаш бил во елегантно издание. Реј-Бан очилата се сметаат за негов заштитен знак. На Денот на инаугурацијата, Бајден може ќе се потпре на дизајнер од највисок ред за да го облече на неговиот прв ден како 46-ти претседател на САД, пренесуваат светски медиуми.

Бајден веројатно ќе му се обрати на Ралф Лорен, легендарниот американски дизајнер, за да го облече за церемонијата на 20 јануари. Инаугурацијата на Бајден ќе значи враќање на повоздржаниот естетски пристап што Барак Обама го имаше за време на неговото претседателствување, што е во целосна спротивност на наметливиот, агресивно позлатен изглед на Доналд Трамп.

Сите љубители на модата на кои им е важно да видат со што ќе се претстави избраниот претседател на денот на инаугурацијата , веројатно ќе бидат разочарани. Бајден на денот на инаугурацијата дефинитивно ќе носи костум и веројатно ќе биде син. Ама сигурно ќе му прилега бидејќи има става на манекен во поодминати години. Како што беше и случајот со Обама.