Ако некогаш вашиот фокус бил насочен кон сопственото здравје и она што се нарекува здрав начин на живот, веројатно повремено сте наишле на општи совети за здравјето во однос на тоа колку треба да пешачите дневно, колку, што и кога да јадете и пиете или колку да спиете. Но дали навистина треба да правиме точно 10.000 чекори на ден за да бидеме здрави и да изгледаме добро? Или да испиеме осум чаши вода и да спиеме осум часа?
Според американската научничка и советничка за вежбање и одржување кондиција Тамари Хју-Батлер, некои од овие совети се доста општи, а вистинските норми зависат од повеќе фактори и може да бидат различни за секого. За дневното внесување вода, таа вели дека количеството вода што му е потребно на човекот зависи првенствено од неговата телесна тежина, потоа од надворешната температура, нивото на физичка активност и слично.
Десет илјади чекори дневно
Бројката од 10.000 чекори датира од Олимписките игри во Токио во 1964 година, кога една јапонска компанија го продаваше мерачот за чекорење „манпо-кеи“. Продажбата на педометарот „манпо-кеи“ во тоа време беше глобален успех, а бројката 10.000 на луѓето им остана како правило.
Новата студија од Харвард неколку години следела 16.000 жени во нивните седумдесетти години, а истражувачите го бележеле бројот на чекори што ги правеле секојдневно, како и времето и причините за смртта. Четири години подоцна, 504 од нив починале, а просечниот број дневни чекори на оние што живееле подолго бил 5.500.

Пет порции овошје и зеленчук дневно

Истражувачите од колеџот „Империјал“ во Лондон открија дека иако пет порции овошје и зеленчук дневно може да го намалат ризикот од рак, срцеви заболувања и мозочен удар, најдобро е да јадете двојно повеќе.
Истражувањето, кое беше објавено во „Интернешнел џрнал оф епидемиолоџи“, покажа дека 800 грама или десет порции дневно најмногу штитат од овие болести, а авторот на истражувањето, д-р Дагфин Аун вели дека ако сите консумираме десет порции дневно, околу 7,8 милиони прерани смртни случаи би биле спречувани низ светот секоја година.

Осум часа спиење дневно

Познато е дека спиењето ги подобрува имунолошкиот систем и менталната состојба и исто така може да го намали ризикот од некои посериозни болести, како што се дијабетес тип 2 или срцеви заболувања, но колку навистина ни треба сон за тоа?
Британската национална фондација за здраво спиење вели дека на здравите возрасни им требаат од седум до девет часа спиење навечер, на бебињата, малите деца и тинејџерите им е потребно малку повеќе од тоа, а на сите над 65 години им требаат седум-осум часа сон. Исто така, оние што спијат помалку од шест часа дневно, според експертите од Универзитетот во Единбург, имаат 30 проценти поголема веројатност да развијат деменција во староста.

Осум чаши вода дневно

Препораките за осум чаши дневно датираат од 1945 година, кога се мислеше дека на повеќето возрасни им требаат околу 2,5 литри вода дневно, што е еден милилитар за секоја калорија храна. Слични совети важат и денес, иако некои доктори се колебаат дали да се пие што повеќе вода или подобро е да се внесува вода во телото преку разновидна храна богата со вода.
Педијатарот Арон Керол истакнува дека поголемиот дел од внесувањето вода доаѓа од извори како што се овошје и зеленчук, пиво, чај и кафе, а научничката Тамари Хју-Батлер вели дека количеството потребна вода зависи од нивото на физичка активност на поединецот, телесната тежина и надворешната температура.

Не повеќе од шест грама сол дневно

Солта е неопходна за здрав нервен систем и одржување на мускулите во движење, но претерувањето го зголемува ризикот од срцев и мозочен удар. Упатствата на британската влада велат дека здравите возрасни лица не треба да консумираат повеќе од шест грама дневно, а здружението „Акшн он салт“ вели дека повеќето луѓе консумираат 8,1 грама сол дневно, а ако се намали тоа за 25 проценти, исто така, ќе се намалат мозочните удари за 22 проценти, а срцевите удари за 16 проценти.
Здравиот БМИ изнесува од 18,5 до 24,9. Индексот на телесна маса (БМИ) се користи за категоризирање на здравјето: високиот или нискиот БМИ може да биде показател за лоша исхрана, ниска активност или висок стрес, а се пресметува со делење на тежината во килограми со висината во сантиметри. Опсегот од 18,5 до 24,9 БМИ се смета за здрав, а сѐ под тоа се смета за неухранетост, односно над тоа за дебелина.
Сепак, само БМИ не може да биде одраз на целокупната состојба на телото – а примери за тоа се професионалните спортисти; најчесто боксери и рагби-играчи, кои поради големата мускулна маса може да се класифицираат како дебели според БМИ, иако немаат многу маснотии во телото и се комплетно здрави.