Според современите египтолози, постојат неколку контроверзни работи за оваа теорија. Прво, кобрите може да пораснат и до два и пол метри, што значи дека кобрата би била преголема за да се прошверцува во мавзолејот на Клеопатра во кошница за смокви, како што кажува приказната

Сè што знаеме денес за смртта на познатата египетска кралица Клеопатра доаѓа од мемоарите на Октавијан, но има многу нелогичности кога станува збор за теоријата дека таа била касната од змија. Се чини дека нејзината смрт била еднакво драматична како и нејзиниот живот.
Откако египетската кралица и нејзиниот долгогодишен љубовник, римскиот генерал Марко Антониј, виделе дека нивните обединети сили губат во битката кај Акциум во 31 година пр. н.е., тие се повлекле во Александрија. Неколку месеци подоцна, додека Октавијан тропал на вратата на Александрија, очајниот Марко Антониј се самоубил со својот меч, пренесува „Хистори“. Соочена со можноста да го изгуби кралството, и Клеопатра извршила самоубиство на 10 август 30 година пр. н.е., дозволувајќи отровна змија да ги гризне неа и нејзините две слугинки.
Историските докази за смртта на Клеопатра, како и голем дел од нејзиниот живот, се доста сиромашни. Оние што ги собирале најобилните извештаи за нејзиниот живот, а особено римскиот писател Плутарх, живееле генерации по нејзината смрт. Многу поети, драматурзи и режисери подоцна ги искористија овие извори за да изградат речиси митски лик од Клеопатра, во голема мера дефиниран од моќта на заведување и нејзините односи со двајцата римски водачи, Јулиј Цезар и Марко Антониј.

Таквите измислени приказни за нејзиниот живот и прераниот пад ја создадоа популарната слика за Клеопатра како прекрасна, осудена главна хероина во една од најпознатите романтични драми. Меѓутоа, зад сето тоа стоела вистинската личност – кралица, која, без оглед на нејзиниот изглед, била одличен водач и еден од најмоќните членови на грчката династија, која доминирала во Египет повеќе од три века.
Сѐ што се знае за смртта на Клеопатра е дека на крајот на 30 јули пр. н.е., силите на Октавијан стигнале до Александрија, а Клеопатра се повлекла во својот мавзолеј. Кога слушнал дека е мртва, Марко Антониј се пробол со својот меч. Неговите мажи го одвеле кај Клеопатра и тој починал во нејзината прегратка.

Според Плутарх, член на персоналот на Октавијан тајно ја предупредил Клеопатра дека генералот планира да се врати во Рим за неколку дена и да ги понесе со себе Клеопатра и нејзините деца. Следниот ден, Клеопатра се затворила во мавзолејот со две слугинки и му испратила порака на Октавијан, кој дотогаш веќе стигнал во Александрија, веројатно во нејзината палата.
Отворајќи ја пораката на Клеопатра, во која таа бара да биде погребана до Марко Антониј, Октавијан веднаш ги испратил своите луѓе во потрага. Кога ја пробиле вратата на мавзолејот, ја нашле Клеопатра како безживотно лежи на златниот кауч, а нејзините две слугинки лежеле мртви покрај неа. Во времето кога починала, Клеопатра имала 39 години и владеела со Египет повеќе од 20 години.

Според најчесто повторуваната теорија за смртта на Клеопатра, таа починала од каснување на отровна змија, од египетска кобра. За неа, ова би било особено поетско самоубиство, бидејќи кобрата за Египќаните била симбол на кралевите, а исто така се поврзувала и со омилената божица на Клеопатра, Изида.
Според современите египтолози, пак, постојат неколку контроверзни работи околу оваа теорија. Прво, кобрите се обично долги најмалку еден и пол метар и може да пораснат и до два и пол метри. Тоа значи дека кобрата би била преголема за да се прошверцува во мавзолејот на Клеопатра во кошница за смокви, како што кажува приказната. Покрај тоа, не сите каснувања од змија се смртоносни, а оние што се – убиваат полека и болно. Поради ова, тешко е да се поверува дека змијата успеала да ги убие Клеопатра и нејзините две слугинки за толку кратко време колку што му требало на Октавијан да ја прими пораката и да ги испрати своите чувари.

Ако Клеопатра се отрула, поверојатно би било да испие некоја напивка од отровни билки или да се намачка со отровна маст, како што сугерира античкиот историчар Страбон. Што било од ова би ги убило неа и нејзините слугинки побрзо и поефективно од каснувањето на змија. Вистината, сепак, продолжува да се избегнува. Без познати очевидци и без првични писмени извештаи за смртта на Клеопатра, голем дел од она што го знаеме потекнува од Октавијан – за кого некои тврдат дека бил осомничен. Тој сигурно имал мотив да ја посака смртта на Клеопатра, бидејќи харизматичната кралица претставувала потенцијална закана за неговата доминација во Египет.