Минатата година портрет на Едмонд Белами беше продаден за 432 илјади долари. Висока сума за човек за кого никој не слушнал. Исто така, не беше познат ниту уметникот кој го изработил делото, бидејќи сликата беше создадена со алгоритам преку користење на 15 илјади портрети направени помеѓу четиринаесеттиот и дваесеттиот век, пренесува „Би-би-си“.

Продажбата на аукцијата, како и високата цена, ги изненади сите и наметна едно важно прашање. Може ли компјутер да биде креативен? Дали ваквиот портрет би се сметал за уметничко дело? И дали тоа воопшто е битно, доколку луѓето се подготвени да платат за таквото дело? Како што вештачката интелигенција се развива, се наметнува прашањето дали некогаш ќе ја достигне или надмине интелигенцијата на човекот, и што би значело тоа за луѓето кои се занимаваат со создавање уметност?

– Со помош на алгоритми веќе се создадени уметнички дела, поеми и музика, но таквите дела повеќе имитираат отколку што создаваат. Многу зависи како ја дефинираме креативноста – вели Роми Лоренц, која работи како когнитивен невролог.

Доколку креативноста значи да се употребуваат нови начини со цел да се решаваат зададени проблеми, тогаш вештачката интелигенција веќе го има постигнато тоа – вели Лоренц, наведувајќи го примерот каде светскиот првак во древната кинеска игра „Гоу“, комплексна игра на табла, беше победен од програмите на „Дипмајнд“.

Ке Џие, светскиот првак на играта „Гоу“ беше поразен од програмата „Алфа гоу“ на „Дипмајнд“

Во компанијата „Гугл“ тоа би го нарекле креативност, или нов начин на изнаоѓање решенија кој не бил претходно научен од страна на програмата. Видео-игрите, посебно оние кои се сместени во виртуелните светови, се одлично место за вештачката интелигенција да ги решава зададените проблеми на креативен начин.

– Да побараш од алгоритам да создаде нешто без помош на човекот најчесто завршува со навистина досадни резултати – вели Џулијан Тогелиус, професор по компјутерски науки во Њујорк.

Како пример тој ја наведува играта „Ноу менс скај“, која беше долгоочекувана од обожавателите. Станува збор за игра со истражување на вселената во која беше најавено дека ќе има стотици алгоритамски генерирани планети за истражување, но за жал резултираше со досадни сценарија за играње.

– Ваквите алгоритми можат да креираат сѐ повеќе и повеќе дела, но на крајот, сепак постои некој детал што треба да биде додаден од раката на човекот – вели Тогелиус.

Наместо да биде оставено на алгоритмите да создаваат самостојно, резултатите се многу побогати кога човекова уметничка рака работи со помош на машините.

– Уметничката креативност е претворање на интроспективната мисла во медиум, било тоа да е скулптура или музичко дело. Станува збор за земањето на апстрактната форма и нејзино претворање во конкретна. Бидејќи нема внатрешен свет, вештачката интелигенција нема потреба да ги претвори во конкретни форми своите стравови и желби, бидејќи тие не постојат – вели Лоренз.

Токму затоа, уметниците тврдат дека вештачката интелигенција никогаш нема да го достигне нивото на човекот и да генерира подобра култура и уметност.