Македонија меѓу учесниците на „Евровизија 2021“

Европска радиодифузна унија (ЕБУ) соопшти дека учеството на „Песна на Евровизија 2021“, што ќе се одржи во холандскиот град Ротердам, го потврдиле 41 држава, меѓу кои е и Македонија. Всушност на фестивалот ќе учествуваат истите земји што требаше да настапат на годинашната „Песна на Евровизија“, која беше откажана поради пандемијата на коронавирусот. Поради откажувањето на натпреварот, ЕБУ донесе одлука „Евросонг“ следната година повторно да им се препушти на холандските експерти, а фестивалот треба да се одржи од 18 до 22 мај.
– Им благодариме на претставниците на 41 држава за помошта во повторното организирање на „Песна на Евровизија“. ЕБУ заедно со холандските емитери НПО, НОС и АВРОТРОС веќе работи на четири сценарија за одржување на фестивалот следната година и е во постојан контакт со учесниците – изјави Мартин Естердал, извршниот супервизор на овој престижен музички натпревар.
Извршниот продуцент на натпреварот, Сице Бакер, наведе дека организаторите пред себе поставиле високи стандарди за претстојниот избор и дека изработката на протоколите, за заштита на здравјето на вработените, натпреварувачите, новинарите и посетителите, е во тек.

Освен Македонија, на „Евросонг 2021“ ќе настапат и учесници од: Србија, Албанија, Австралија, Австрија, Азербејџан, Белгија, Белорусија, Бугарија, Чешка, Данска, Естонија, Финска. Франција, Грција, Грузија, Хрватска, Ирска, Исланд, Италија, Израел, Ерменија, Кипар, Летонија, Литванија, Малта, Молдавија, Германија, Норвешка, Полска, Португалија, Романија, Русија, Сан Марино, Словенија, Шпанија, Швајцарија, Шведска, Велика Британија, Украина и домаќинот Холандија.
Од МРТ, како носител на лиценцата за овој избор, сѐ уште не објавиле дали македонски преставник в година во Ротердам ќе биде Васил Гарванлиев, кој требаше на годинашниот 65. „Евросонг“ да ја пее песната „You“. Тој беше дел од годинашната виртуелна „Евровизија“ што се одржа на 16 мај, кога секој од дома изведе дел од песната со која требаше да настапи во Ротердам.