Англиски католички свештеник од 19-от век, кој бил далечен роднина на британскиот принц Вилијам, би можел наскоро да биде прогласен за светец, пренесува агенцијата „Ројтерс“.

Ватикан завчера соопшти дека папата Франциск одобрил декрет со кој се признаваат „херојските подвизи“ на Џорџ Спенсер, свештеник на Пасинистичкиот религиозен ред, кој живеел од 1799 до 1864 година. Спенсер ја напуштил Англиканската црква и го зел името Игнатиј Свети Павле откако станал католички свештеник.

Принцот Вилијам и принцот Хари се во роднинска врска со Спенсер преку нивната мајка Дијана Спенсер, покојната принцеза од Велс (загина во 1997 година). Тој исто така има роднински врски и со поранешниот британски премиер Винстон Черчил, пишува на веб-страницата на Римокатоличката епархија Шрусбери.

Тој израснал во Олторп на имотот на предците на Спенсерови каде што е погребана принцезата Дијана. Откако бил ракоположен во Рим тој се вратил во Англија и им служел на сиромашните ирски мигранти во Западен Мидлендс.

Одобрувањето на декретот од страна на папата значи дека Спенсер сега ја има титулата „преподобен“. Неговата канонизација сè уште е во рана фаза. Потребно е да му се припише чудо за да биде прогласен за „блажен“ и уште едно чудо за да стане „светец“. Под чудо обично се подразбира медицински необјаснивото заздравување на некоја личност.