Наградуваниот автор Давор Стојановски, кој во 2016 година ја доби наградата „Роман на годината“ за „Собирачи на пепел“, вчера го потпишуваше својот најнов роман „Утеха за голите“ во книжарницата „Или-Или“, каде што одвои време да одговори на неколку прашања за „Нова Македонија“.

Ова е Вашиот трет роман. Дали се работи за трилогија или романите воошто не се поврзани еден со друг?
Се работи за сосема различни приказни, зашто по завршувањето на одредено дело, за мене се затвора и неговиот свет. „Ненасловена месечева соната“ беше постмодернистички роман, саморефлексивен, пообемен, и можеби е малку понасочен кон луѓето што се занимаваат и со проучување на книжевноста. „Собирачи на пепел“ беше егзистенцијалистички роман и многу пократок, а тематски и стилски близок со него е и најновиот „Утеха за голите“, во кој се опфаќа темата на опсесивноста кон шахот, но и шахот како метафора. Последниве два романи ги сметам за попристапни кон пошироката читателската публика, отколку првиот.

Без премногу да откривате, што можете да ни кажете за главните ликови во новиот роман?
Рајнер, машкиот лик, е професионален шахист, кој учествувал на шаховската олимпијада во Скопје во 1972 година, како дел од источногерманскиот тим. По триесет и пет години повторно се враќа во Скопје, откако еден бизарен настан одново го врзува за минатото. Неговата сопруга, Хермине, иако е спореден лик, постојано се провејува во позадината на приказната и ѝ дава дополнителна длабочина.

Ликот на Хермине има, за нас, една необична професија. Таа ги придружува луѓето пред нивниот смртен час. Можете ли да ни објасните нешто повеќе во врска со тоа?
За оваа професија дознав во Австрија, каде што живеам, откако се запознав со една жена, чија посветеност кон оваа доблесна работа ме воодушеви. Секако, се обидов да размислам на кој начин тоа може да влијае врз нас како луѓе, доколку сме постојано сведоци на згаснување на нечиј живот, и колку голема е оваа побуда да им даде утеха на речиси непознати лица. Во романот, професијата фрла сосема ново светло врз приказната низ призмата на Рајнер.

Колку време Ви беше потребно да го завршите пишувањето на „Утеха за голите“?
Последниве две години бев посветен на овој роман, чиј наслов, а и приказна, се менуваа, за полека да дојдат до последниот изглед. Најтешко беше да се пронајде главниот лик, да се осмисли неговиот карактер. Би рекол дека последните три-четири месеци пред објавата беа најсуштински во поглед на досмислувањето и обликувањето на конечната верзија. Крајот, пак, беше првото нешто што го напишав, слично како и со претходниот роман.

Покрај работата на Вашите романи, се занимавате и со преведување од словенечки јазик. Кои наслови би ги издвоиле?
Најдраг ми е преводот на „Мачорот Мури“, култната сликовница за деца, која ужива огромна популарност во Словенија. Пред неколку месеци од печат излезе „Само дојди си дома“ на Андреј Скубиц, а во мигов преведувам уште еден добитник на наградата Кресник за најдобар словенечки роман, а тоа е „Смоква“ на Горан Војновиќ.

Дали Вашите романи се преведени на други јазици?
„Ненасловена месечева соната“ е објавен на бугарски. „Собирачи на пепел“ неодамна излезе од печат во Русија, во превод на руски на Олга Панкина, а наскоро се очекува и бугарскиот превод.

Што да очекуваат читателите по Вашиот трет роман? Ќе одморите ли или продолжувате со творење?
Имам намера годинава да објавам поетска книга. Песните ги имам пишувано низ долг период, а сега конечно се одлучив да извршам селекција. Понатаму веројатно повторно ќе се вратам на романот, но и на драмскиот жанр.

Како го оценувате напливот на млади автори, кои сè повеќе пишуваат и издаваат во Македонија? Како ја оценувате состојбата на нашата литературна сцена?
Ме радува тоа што се појавија неколку автори, кои имаат нов современ пристап кон книжевноста. Се смени старата поетика и последниве десетина години сведочиме сè поголем интерес кај читателите и за дела од нашата домашна продукција. Се разбира, за тоа се заслужни темите што им се поблиски на читателите. А тоа секако е позитивно.