На платото пред Центарот за култура во Кичево, вечерва, со почеток во 20 часот, со коктел-програма ќе се претстави гудачкиот квартет „Вива стрингс“, со изведба на познати нумери од народната и забавната музика.
Вечерашниот концерт ќе го сочинуваат два дела, во првиот дел ќе бидат изведени композиции со фолклорна тематика од познати македонски народни песни како што се: „Не си го продавај Кољо чифлигот“, „Кирјана“, „Дејгиди луди млади години“ и други. Во вториот дел ќе прозвучат познати композиции од забавната музика, што своевремено ги испеале Славе Димитров, Драган Мијалковски, Трајче Манев,Хелена Благне и други.
– Гудачкиот квартет „Вива стрингс“ со исполнување познати македонски музички нумери, уште еднаш ќе потсети на убавината на македонската народна и забавна музика, со сите посебности што ги поседува. Овие композиции ќе прозвучат на еден специфичен начин, во изведба на познатите инструменталисти. И вечерва како и многупати летово, нашите сограѓани ќе имаат убава можност уште еднаш да уживаат во музичкото мајсторство на членовите на овој квартет – истакна Мазлам Османи, директор на Центарот за култура во Кичево.