Интернет-преведувачот „Гугл транслејт“ е една од најдобрите услуги за преведување и е особено корисна кога патувате во странство. Компанијата исто така нуди офлајн-режим, кога немате пристап до Интернет.
Се разбира, преводот не е прецизен како при онлајн-користењето алгоритми, но се доволно добри да го разберат значењето на зборовите и на речениците. „Гугл“ користи невронски мрежи и постојано ја подобрува способноста на „Транслејт“ при офлајн-употреба, пишува „Тек-кранч“.
Најновото ажурирање на компанијата обезбедува поддршка за системот за преведување невронски машини (НМТ) за 59 јазици, вклучувајќи го и македонскиот, кој може да се користи без интернет-пристап. Дистрибуцијата на ажурирањето веќе почна и ќе биде достапна за сите корисници во рок од неколку недели. Досега офлајн-преводот на овие јазици беше речиси невозможна задача, која траеше многу време, а честопати се појавуваа грешки при преведувањето одредени фрази.
Компанијата тврди дека треба да преземете датотека со големина од само 30-40 MБ. Ова е мошне прифатлива вредност, имајќи предвид дека покрива 59 јазици, како и вградената меморија што ја нудат модерните паметни телефони. Се чини дека „Гугл“ сака да нѐ натера почесто да го користиме „Транслејт“ при патување.