Во текот на годините, Гугл мапс стана многу повеќе од карта на градовите, државите и на патиштата. Разработени се мошне прецизни сервиси, кои можат да ви ги прикажат возните редови, најблиските кафетерии и ресторани, покажуваат каде има метеж и како да се избегне тој дел или, накратко кажано, станува сѐ посовршена навигација.
Бидејќи 2020 година го промени начинот на кој размислуваме, а со тоа и навигацијата и патувањето, во Гугл забележале потреба од уште неколку информации што може да им се сервираат на корисниците.
Освен тековната сообраќајна ситуација, на оваа алатка ќе може да се провери и изложеноста на ковид-19, информации за задолжително носење маски на јавни места во одредени градови и точни локации. Додаден е и уште дел, кој го прикажува просечниот број на новозаразени случаи во одредена држава.
Оваа опција ќе биде наскоро достапна за корисниците на иОС и Андроид, а ќе се прикажува просекот на новозаразени случаи во последните седум дена на сто илјади жители. Во состав на оваа бројка, границите на државите ќе бидат обоени со што би индицирале тренд на растење или на опаѓање. Така, на пример, државите со просечно еден новозаразен во последните седум дена ќе бидат обоени сиво, а темноцрвено ќе значи дека просекот е над 40 нови случаи.

Заедно со сателитската слика и сликата од терен, сега ќе може да се види детален преглед на случаите во одредена земја или покраина. Податоците се собрани од универзитетот „Џон Хопкинс“ и од „Њујорк тајмс“, а тие, пак, ги обработуваат податоците објавени од Светската здравствена организација, владите на поединечни земји, локалните министерства и болници.
Новата опција треба наскоро да биде достапен за сите корисници на апликацијата Гугл мапс.