„Гугл“ работи напорно за да ја направи апликацијата „Гугл мапс“ што е можно покорисна, така што повремено воведува нови функции, а една тукушто стана достапна.
„Гугл“ претстави голем број подобрувања во апликацијата „Мапс“, за таа да биде покорисна во разни ситуации. Новина е воведувањето на алатката за навигација AР (проширена реалност). Односно „Лајв вју“ за некои затворени локации како што се одредени трговски центри, аеродроми, транзитни станици и слично. Исто така, приоритет се еколошки прифатливи маршрути, а додадени се и податоци за времето и квалитетот на воздухот. Опциите за подигање и испорака се исто така интегрирани кога станува збор за продавници за храна.
„Лајв вју“ е AР-опција што му овозможува на корисникот точно да ја види својата дестинација со насочување на камерата кон неговата околина, по што ќе му бидат прикажани упатства за навигација. За да се овозможи ова, „Гугл“ разви целосно нова технологија наречена глобална локализација, со која се користи вештачка интелигенција за скенирање десетици милијарди фотографии од „Уличен приказ“ и нивно мапирање со слика на телефонот за да се лоцира корисникот.

„Гугл“ ја приспособи технологијата за прецизно одредување на висината и локацијата на зградата. Оваа нова опција може да се користи на пр. на аеродромот кога корисникот бара порта или кога бара одреден ресторан во трговскиот центар. Исто така, ќе му помогне да ги најде најблискиот лифт, скали, банкомат, тоалет, шалтери за пријавување, продажни места за билети и повеќе.
„Индор лајв вју“ е достапен во некои американски трговски центри лоцирани во Њујорк, Лос Анџелес, Чикаго, Сан Франциско, Сан Хозе, Сиетл и Лонг Ајленд. Во следните месеци, тој ќе се прошири на избраните транзитни станици, трговски центри и аеродроми во Токио и во Цирих, а потоа и на други локации. Исто така, фокусот е ставен на екологијата, така што апликацијата ќе понуди маршрута што е најеколошка. Оваа опција ќе биде достапна од јуни во Германија, Франција, Шпанија, Холандија и Велика Британија, а потоа и во други земји низ светот.
„Гугл“ исто така работи на прикажување на сите патишта за транспорт на истата страница без потреба од посебни табови за маршрути за автомобили, јавен превоз и пешачки правци.