Компанијата „Гугл“ го претстави дигиталниот преведувач на хиероглифи, наречен Фабрициус, кој користи машинско учење за да ги декодира античките египетски знаци. Оваа функција е додадена во постојната апликација на „Гугл“ Уметност и култура. Исто така, им овозможува на корисниците да преведуваат зборови и емотикони што ќе можат да се споделат на социјалните медиуми.
Од „Гугл“ наведуваат дека Фабрициус е првата таква алатка преку која ќе можат да се разберат хиероглифите. Во теорија, со текот на времето како што луѓето ќе ја користат би требало да се подобрува.

Верзија на Фабрициус им се нуди и на професионалните египтолози, антрополози и историчари за да ја искористат во нивните истражувања.
– Иако е импресивно, системот сè уште не е на ниво за да може да ја замени потребата од високообучени експерти за читање на античките натписи. Остануваат некои многу големи пречки за читање на хиероглифите, бидејќи тие се рачно изработени и со текот на времето можат многу да се разликуваат – истакнува д-р Роланд Енмарч, професор по египтологија на Универзитетот во Ливерпул.

Софтверот му овозможува на корисникот да внесува фотографии од вистинските хиероглифи пронајдени на артефакти и дигитално да ги подобри за поефикасна анализа на симболите. Корисниците можат да ги следат контурите на хиероглифите, кои софтверот се обидува да ги поврзе со слични симболи во својата база на податоци – овозможувајќи им да бараат различни значења и да се обидат да ги дешифрираат наодите. Алатката работи со помош на анализа на историски записи и јазични дефиниции. Но, „Гугл“ се надева дека понатаму ќе може да изгради пообемна база на податоци така што луѓето ќе додаваат и свои фотографии во базата.