„Офичина Зои“ Фото: Сашо Алушевски

Ритамот, емоциите и енергијата со која нѐ заплиснаа членовите на овој уникатен состав, наидоа на одек во публиката, која реагираше со аплауз, но и со танцување

Третата фестивалска вечер на годинашниот „Оф-фест“, што се одржа во саботата во Младинскиот културен центар во Скопје, беше најбогата со настапи. Вечерта ја отвори групата „Офичина Зои“ од Италија, чиј концерт во киното „Фросина“ беше вистински празник за сите сетила. Членовите на составот од Саленто: Чинзиа Марцо, вокал, Силвија Галоне, вокал, Ламберто Пробо, вокал, Донатело Писанело, усна хармоника, Џорџо Довери, виолина и Луиџи Панико,гитара, со многу енергија ја изведуваат традиционалната музика од италијанскиот регион Саленто, што ја наследиле од своите предци, која изобилува со возбудливи ритми на јужна Италија. Всушност „Офичина Зои“ e најпозната група од овој крај што исполнува изворна музика, а ги нарекуваат и чувари на „пициката тарантата“, популарен народен танц. Групата постои од 1993 година, а исполнува и песни создадени под влијание на музика од други држави. Досега настапиле низ цела Европа, како и во САД, Австралија, Кореја, Јапонија, Аргентина, Мароко и Индија.

Иако ова беше нивна прва средба со скопската публика, членовите на „Офичина Зои“ уште по првите звуци остварија близок контакт со присутните, меѓу кои имаше и голем број Италијанци што живеат во нашиот град. Нивниот експлозивен, бесконечен танц, кој искреше со емоции, ни го долови животот во Саленто, морето, љубовта, традицијата, па и старите митови.
Па ако целта на „Оф-фест“ уште од неговите почетоци пред 17 години, е да направи еден спој меѓу звуците на музиката што доаѓа од разни страни на светот и да ја покаже нејзината универзална димензија, тоа се потврди и со гостувањето на „Офичина Зои“. Ритамот, емоциите и енергијата со која нѐ заплиснаа членовите на овој уникатен состав, наидоа на одек во публиката, која реагираше со аплауз, но и со танцување. Двапати на сцената се качи Италијанецот Алесио, на кого му се придружија пејачката Чинзиа Марцо и една разиграна девојка. А „браво“ не извикуваа само присутните во салата. Зборувајќи малку италијански, малку лош англиски, а пред сѐ со јазикот на музиката, Ламберто Пробо, рече дека на сите членови на „Офичина“ им се допаѓаат Македонија, храната, луѓето и отворената срдечна публика, која ги испрати со бурно ракоплескање.

По овој енергичен настап, во Дансинг-салата го проследивме мултимедијалниот перформанс на „Ифрикија електрик“ од Тунис. Паралелно со свирката, на големиот екран се прикажуваше и филм што го снимиле гитаристот Франсоа Комбиза од Франција и вокалистката Џана Греко од Италија патувајќи низ Африка. Дел од автентичниот состав беа и Тунижаните: Тарек Султан, Јахја Чоучен и Јусуф Газала. Настапот почна со танцот банга што го изведоа гостите од Тунис во средина на салата, кој е специфичен по својот силен ритам. Публиката го прифати предизвикот и стана активен учесник на овој интересен настап.

Потоа, како трет сегмент на овој богат фестивалски ден ја слушнавме и Турчинката Гаје Су Акјол, која прави спој меѓу традиционалниот турски звук, рок и инди-музиката.
Некаде по полноќ зад микс-пултот свој музички сет имаше диџеј Мукамбо. Тој е познат белгиски новинар и радиоводител. Неговиот спој од афролатино и бразилски звуци, зачинети со хипхоп, сукс, арабеска и музика од Португалија создаваат фузија, која никого не го остава рамнодушен.
Вчеравечер фестивалската програма продолжи со настапите на „Бармер бојс“ од Индија и групата „Транс Елијан трансмишн“ со музичари од Франција и од Италија.
Утревечер фестивалот завршува со концертот на Уму Сангаре од Мали, најпозната африканска пејачка и добитничка на наградата „греми“, што ќе се одржи во МОБ.

Гаје Су Акјол